Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи, изјави дека стабилноста во Либан и во регионот ќе влијае врз исходот од разговорите што се одвиваат со посредство на Пакистан, јави Анадолија.
Тој додаде дека иранската делегација, предводена од претседателот на парламентот Мохамад Багер Галибаф, веднаш по пристигнувањето во Исламабад започнала консултации со пакистанските власти.
„Дипломатијата денес е продолжение на одбраната“, изјави Багаеи, нагласувајќи дека Иран, по речиси 40 дена конфликт, влегол во „сложена дипломатска битка“.
Тој посочи дека Техеран останува во тесна координација со своите вооружени сили за да го надгледува примирјето и да одговори на евентуални прекршувања.
Според него, во првите часови по прогласувањето на примирјето биле забележани помали прекршувања, на кои иранските сили реагирале брзо, додека подоцна не биле пријавени посериозни инциденти.
Багаеи истакна дека примирјето се однесува на сите фронтови, вклучително и Либан, кој го опиша како клучен фактор, додавајќи дека развојот на настаните таму директно ќе влијае врз текот на преговорите.
Иранскиот предлог-рамковен документ содржи десет точки, меѓу кои се барања за гаранции за ненапаѓање, задржување на контролата врз Ормуска Теснина и признавање на правото на збогатување ураниум.
Техеран, исто така, бара укинување на сите американски санкции, повлекување на резолуциите на Советот за безбедност на ОН и на Меѓународната агенција за атомска енергија, исплата на отштета, повлекување на американските сили од регионот и прекин на непријателствата на сите фронтови, вклучително и во Либан.
Директните преговори започнаа откако делегациите на Иран и САД одделно се сретнаа со пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф.
Американската делегација ја предводи потпретседателот Џеј Ди Венс, а во неа се и специјалните пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер. Иранската делегација ја предводи Галибаф, а членови се и министерот за надворешни работи Абас Арагчи и Али Багери Кани.
Пакистан е претставен од министерот за надворешни работи Исак Дар, со поддршка од началникот на армијата, генерал Асим Мунир, и министерот за внатрешни работи Мохсин Накви.

