Илјадници пожарникари денеска во австралиската федерална држава Викторија се обидуваат да ги контролираат шумските пожари кои оставија зад себе уништени домови, изгореа огромни површини покриени со ниска вегетација и грмушки и го прекинаа снабдувањето со електрична енергија на десетици илјади жители.
Повеќето од пожарите избувнаа кон средината на неделата поради интензивен топлотен бран во југоисточна Австралија. Досега, тие проголтаа повеќе од 300.000 хектари грмушки, објавија властите утрово, додавајќи дека десет големи пожари се уште се активни низ целата земја.
Најлоши пожари од „Црното лето“
Повеќе од 130 згради, вклучувајќи куќи, беа уништени, а околу 38.000 станбени и деловни простории останаа без електрична енергија поради пожарот, објавија властите, додавајќи дека ова е најлошиот пожар во земјата од таканареченото Црно лето 2019-2020 година, кога шумски пожар уништи област со големина на Турција и уби 33 Австралијанци.
Викторијанската премиерка Џасинта Алан изјави дека има илјадници пожарникари на терен кои се обидуваат да го локализираат пожарот. „Каде и да можеме, ќе се обидеме да ги ставиме пожарите под контрола“, изјави Алан на прес-конференција од главниот град на државата Мелбурн.
„Може да се очекуваат екстремни и опасни пожари“
Порано денес, австралискиот премиер Ентони Албанезе изјави дека нацијата се соочува со ден на „екстремни и опасни“ шумски пожари, особено во Викторија, каде што голем дел од неа е прогласен за „зона на катастрофа“.
„Во ова тешко време, моите мисли се со Австралијците во погодените регионални заедници“, рече Албанезе во телевизиско обраќање до нацијата од Канбера.
Еден од најголемите пожари беснее во близина на градот Лонгвуд, околу 112 км северно од Мелбурн, каде што 130.000 хектари грмушеста земја досега изгореа и уништија околу 30 згради, бројни лозја и земјоделско земјиште, соопштија властите.
Десетици заедници што живеат во близина на пожарите се евакуирани, а бројни државни паркови и кампови се затворени. Денес е издадено предупредување за топлотен бран за големи делови од Викторија, додека предупредувањата за шумски пожари се активни за соседниот Нов Јужен Велс и Австралиската престолнинска територија, изјави главниот метеоролог на државата.

