Французин е депортиран од Индонезија, каде 20 години во затвор чекал смртна казна

4.02.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Французин е депортиран од Индонезија, каде 20 години во затвор чекал смртна казна

Серж Атлауи (61) е обвинет од индонезиските власти дека е „хемичар“ и бил уапсен во 2005 година во фабрика во Џакарта, каде што биле пронајдени десетици килограми дрога.

Договорот меѓу Индонезија и Франција за екстрадиција на таткото на четири деца од „хуманитарни причини“ бил постигнат на 24 јануари. Атлауи има рак и се лекува неделно во болница, јавува Би-Би-Си.

„Тоа е чудо“, изјави неговата сопруга Сабине Атлауи за француското радио RTL. „Преживеа 19 години затвор. Преживеа егзекуција“.

61-годишникот е предаден на француската полиција и одведен во Париз со комерцијален лет, изјави официјален претставник за новинската агенција АФП.

Кога ќе слета утре наутро, Атлауи ќе биде одведен пред француското обвинителство и најверојатно ќе биде приведен додека ја чека одлуката за неговата идна казна, изјави неговиот адвокат Ричард Седило за АФП.

Во Франција максималната казна за слично кривично дело е 30 години, изјави за Ројтерс индонезискиот министер за човекови права Јусрил Ихза Махендра.

„Ќе зависи од Париз да даде помилување, амнестија или намалена казна“, рече тој.

Седило изјави за АФП дека е „воодушевен“ од екстрадицијата и дека „сега ќе работи на прилагодување на казната на условите што ќе овозможат негово ослободување“.

Атлауи му рекол на своето семејство дека не сака да ги пречека на аеродромот, рече неговата сопруга.

„Тој сака повторно да го види семејството кога ќе биде слободен“, изјави таа за RTL. „За жал, не знаеме колку време ќе потрае.“

Атлауи, заварувач од Мец во североисточна Франција, отсекогаш негирал дека е дилер на дрога.

Тој тврдел дека инсталирал машини во фабрика за акрилик, но за AFP во 2015 година изјавил дека „мислил дека имало нешто сомнително“.

Првично осуден на доживотен затвор, казната била заменета во смртна по жалба на индонезискиот Врховен суд.

Неговата егзекуција била закажана за 2015 година, но била одложена поради притисокот на француската влада.

Неодамна, Индонезија ослободи голем број затвореници од висок профил кои биле затворени според строгите закони за дрога во земјата.

Филипинката Мери Џејн Велосо поминала речиси 15 години во затвор чекајќи ја смртната казна за пренесување на 2,6 килограми хероин на аеродром во Индонезија. Таа била екстрадирана во декември.

Петте преостанати членови на нарко синџирот Bali Nine се вратиле во Австралија истиот месец. Во моментов, 90 странци во Индонезија сè уште чекаат егзекуција во земјата, меѓу кои и една жена, според Министерството за имиграција.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата