ЕУ одговори на заканите од Трамп за царини: Сакаме фер трговски договор

24.05.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ЕУ одговори на заканите од Трамп за царини: Сакаме фер трговски договор

Европската унија работи со „добра волја“ за да обезбеди трговски договор со САД базиран на „почитување“, а не на „закани“, изјави европскиот комесар за трговија Марош Шефчович, по коментарите на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе вовде царини од 50 отсто за ЕУ.

Трамп изјави дека не „бара трговски договор“ со Европската Унија, заканувајќи се дека ќе воведе царини од 50% за увоз од 27-те земји-членки од 1 јуни.

- ЕУ е целосно ангажирана и решена да обезбеди договор што ќе им одговара на двете страни. Трговијата меѓу ЕУ и САД мора да биде водена од меѓусебно почитување, а не од закани. Ние сме подготвени да ги браниме нашите интереси, напиша Шефчовиќ на X по разговорите со американскиот трговски претставник Џејмисон Грир и секретарот за трговија Хауард Лутник.

По заканите од Вашигнтон, ЕУ во почетокот на мај најави дека ќе воведе царини за увоз од САД во вредност од 95 милијарди, што се однесува на автомобили и авиони, ако трговските преговори со администрацијата на Трамп не успеат.

Европската комисија, исто така, објави дека ќе се жали пред Светската трговска организација (СТО) за трговските мерки што САД ќе ги воведуваат против ЕУ.

Во последните месеци, ЕУ беше три пати погодена од царините на американската администрација: 25 проценти за челик и алуминиум, кои беа објавени во средината на март, 25 проценти за автомобили, а потоа 20 проценти за сите други европски производи во април.

Царините беа суспендирани до јули за да се овозможат преговори, но царинските давачки од 10 проценти сè уште важат за повеќето стоки што ги извезуваат 27-те земји-членки на ЕУ во САД.

Доналд Трамп редовно ја напаѓа Европа откако се врати во Белата куќа за втор мандат, сметајќи ја, како што рече, „полоша од Кина“ во трговските односи.

САД го проценуваат својот дефицит во трговијата со ЕУ во 2024 година на 235 милијарди долари, но Европската комисија истакнува дека суфицитот на САД во услугите го намалува трговскиот дефицит на околу 57 милијарди долари.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата