Емиратите разгледуваат можност за напад на Иран- ќе се претвори ли состојбата на Блискиот Исток во општа војна?

3.03.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Емиратите разгледуваат можност за напад на Иран- ќе се претвори ли состојбата на Блискиот Исток во општа војна?

Ова го објави влијателниот американски портал „Аксиос“, повикувајќи се на два извори запознаени со ситуацијата.

Можниот напад од страна на ОАЕ врз Иран би бил без преседан. Самиот факт дека се разгледува таква опција го покажува гневот во земјите од Персискиот Залив поради иранските напади насочени кон цивилната инфраструктура и нафтените и гасните постројки.

ОАЕ се цел на ирански напади повеќе од која било друга земја од почетокот на војната, дури и повеќе од Израел.

„ОАЕ размислуваат да преземат активни одбранбени мерки против Иран. Иако не учествуваа во војната на никаков начин, сепак претрпе напади со над 800 ракети и беспилотни летала“, рече добро информиран извор запознаен со дискусиите.

„Ставот во ОАЕ е дека ниедна земја во светот не би пропуштила да го преиспита својот одбранбен став во такви околности“, додаде тој.

На првиот ден од војната, Иран ги нападна ОАЕ, Кувајт, Катар и Бахреин. На вториот ден, нападите беа проширени на Оман и Саудиска Арабија. Нападите го натераа Катар да го прекине поголемиот дел од производството на природен гас, а вчера ирански дрон ја погоди амбасадата на САД во Ријад.

Остатоци од пресретнатите ракети предизвикаа пожари во пристаништето Џебел Али, а дрон погоди луксузен хотел во Дубаи. Според израелските власти, постои можност Саудиска Арабија, исто така, да преземе воена акција како одговор на иранските напади.=

Анвар Гаргаш, советник за надворешна политика на претседателот на Емиратите, напиша на платформата X дека нападите на Иран врз земјите од Заливот „биле погрешна пресметка и го изолирале Иран во клучен момент“.

„Вашата војна не е со вашите соседи, а оваа ескалација само го зајакнува наративот дека Иран е главен извор на опасност во регионот и дека неговата ракетна програма е постојан извор на нестабилност“, рече тој.

Министерството за одбрана на ОАЕ објави дека Иран лансирал 186 балистички ракети кон Емиратите, од кои 172 биле пресретнати, 13 паднале во морето, а една паднала на територијата на земјата. Покрај тоа, откриени се 812 дронови, од кои 755 се пресретнати, додека 57 погодиле цели во земјата. Тројца странски државјани се убиени, а околу 70 лица се повредени.

Одмаздничките напади на Иран ја претворија војната во широка регионална криза, вовлекувајќи ги во конфликтот земјите кои не сакаа да бидат на негова страна. Од почетокот на американско-израелската кампања, Иран ги таргетираше американските бази и други цели во ОАЕ, Бахреин, Кувајт, Катар, Оман, Јордан, Саудиска Арабија и Ирак, вклучувајќи го и курдскиот регион.

Доналд Трамп вчера изјави дека операциите се планира да траат четири до пет недели, што остава простор за понатамошна ескалација на конфликтот.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата