Еврокомесарот за буџет и јавна администрација Пјотр Серафин изработи план за правична застапеност на земјите членки меѓу вработените во институциите на ЕУ, откако Европската комисија се најде под засилен притисок да регрутира персонал од сите држави во Унијата сразмерно нивната големина.
Расположливите податоци укажуваат дека постои нерамнотежа меѓу националниот состав на персоналот во европските институции и големината на земјите членки на ЕУ. Така, според овие податоци, во моментов меѓу вработените во институциите на ЕУ процентуално доминираат Белгијците, Италијанците и Грците, додека персоналот од некои земји членки, меѓу кои се Данска, Шведска, Холандија, Чешка, Австрија и Луксембург, е „недоволно застапен“.
Планот на Серафин предвидува дека при секое интервју за вработување во институциите на ЕУ меѓу кандидатите повикани на разговор мора да има и „барем еден кандидат од недоволно застапена земја“. Дополнително, во случај на еднакви квалитети на двајца кандидати, предност за вработување да добие оној што потекнува од недоволно застапена држава.
Овој документ во петокот беше разгледуван од страна на Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки на ЕУ (Корепер), при, што според дипломатски извори, амбасадорите побарале „поефикасни чекори“ за надминување на несоодветната застапеност, па дури била пласирана и идеја за вработувања врз основа на квоти.
Според дипломат од „недоволно застапена земја“, нема гаранции дека предлогот на Серафин ќе овозможи реално премостување на јазот околу несоодветната застапеност.
- Проблемот е многу, многу сериозен и сè уште не знаеме дали тој ќе се реши во блиска иднина, изјавил дипломатот за „Еуроактив“, оценувајќи дека на долг рок ситуацијата со несоодветната застапеност би можела да биде уште полоша за некои земји членки.
Европската комисија уште во 2022 година подготви стратегија за корекција во несоодветната застапеност, но најновите податоци за националниот состав на персоналот во институциите на ЕУ укажуваат дека јазот во недоволната застапеност сега е најголем од 2017 година, кога почна да се води ваква статистика.
Во 2017 година, „недоволно застапени“ меѓу персоналот биле 10 земји од ЕУ, меѓу кои и Германија и Франција, во 2021-та таа бројка се искачила на 12, а лани достигна 13.
Споредбената анализа на податоците укажува дека во овој период продолжува да расте бројот на „еврократи“ од државите од југот на Европа, особено Италија и Грција, кои и онака се „прекумерно застапени“, додека цифрата на лица од северниот дел на континентот вработени во евроинституциите и натаму е на ниско ниво, во што предничат државјаните на Холандија, Шведска и Данска.
Врз основа на големината на земјите членки Европската комисија утврди стапки на „удел на националноста“, кои покажуваат колкав процент од вработените во институциите на ЕУ треба да потекнуваат од одредена земја членка.
Најголема несразмерност меѓу потребната и реалната стапка на вработени има меѓу државјаните на Белгија, што и не е изненадување, имајќи предвид дека најголем дел од институциите на ЕУ се сместени во оваа држава. Според препораките на ЕК, стапката на Белгијци ангажирани во ЕУ треба да биде 3,1 отсто, а таа на крајот на 2024 година била 8,5 проценти.
Значајна несразмерност во стапките има и кај Грците, со претпочитани 3,1 отсто и реални 6,3 проценти, како и кај Италијанците со 11,2, наспроти сегашните 16,2 отсто.
Од друга страна останатите три земји од „големата четворка“ на ЕУ се недоволно застапени и тоа Германија со 7,9 отсто учество, наместо предвидените 13,8, Франција со 11, наместо 12, а Шпанија со 8,5, наместо 11,4 проценти.
Од останатите земји од регионов, Хрватите се застапени со 0,5 проценти наместо 3,2 отсто, Словенците со 0,8 наместо 1,1, Бугарите со 2,4 наместо 4,1, Унгарците со 3,0 наместо 3,4, а Романците се 4,5, наместо 7,1 отсто.
Се проценува дека причините за „недоволната застапеност“ се различни, но многу често се должат на економскиот фактор, односно тоа што платите на национално ниво во некои земји членки се повисоки од оние во институциите на ЕУ.
Од друга страна, често се случува вработените во ЕУ за ангажирање на нови лица, пред сè со договори за работа на пократок рок, да препорачуваат свои сонародници, со што земјите со позастапен персонал внесуваат „повеќе нови регрути“ во институциите и на тој начин несразмерноста расте.

