„Џумхуриет“: НАТО работи на формирање нов мутинационален корпус во Турција

24.03.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
„Џумхуриет“: НАТО работи на формирање нов мутинационален корпус во Турција

Според истражувањето на новинарот Баруш Теркоглу, информацијата за иницијативата произлегла од „линкедин“- профил на припадник на турската армија кој посочил дека бил учесник на конференција на НАТО како дел од единица со ознака НАТО МНК-ТУР, воен корпус на Алијансата што се уште не постои.

Новинарот Теркоглу откако го забележал необичниот термин, побарал официјална информација од турското Министерство за одбрана. Првично од Министерството ги негирале тврдењата за новиот корпус, но подоцна во писмен одговор било потврдено дека „се работи на иницијативата“.

Според турското Министерство за одбрана, иницијативата е во рамки на плановите на НАТО за формирање на нов мултинационален воен корпус во Турција, во чиј состав ќе има војници и единици од повеќе земји-членки на Алијансата.

„Корпусот сè уште е во фаза на формирање, а се уште не се утврдени ниту составот на единицата, ниту амблемот“, се посочува во појаснувањето.

Министерството уште нагласува дека тој корпус нема врска со војната во Иран и оти иницијативата е дел од долгорочните планови на НАТО за зајакнување на регионалната безбедност на Блискиот Исток и во источниот дел од Средоземјето.

Турција што е членка на НАТО од 1952 година, ја има една од најголемите армии во Алијансата. На нејзина територија се наоѓаат две воени бази на НАТО – „Инџирлик“ и „Ќуреџик“, како и Команден центар за копнените сили на НАТО во регионот (ЛАНДКОМ).

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата