Деталите од преговарачкиот процес нема да се откриваат се додека не се достигне финален договор, соопштија и од руската и од украинската делегација на одделни прес конференции, меѓутоа повоената европска безбедност била централна тема на средбата, која помина без европски претставници. Европа прво треба да се определи кој ќе зборува од нејзино име, нагласи еден од предводниците на американската делегација - Џаред Кушнер.
-Доколку Европа може да идентификува едно лице кое ќе зборува во нивно име, тоа би било поголемо достигнување отколку да се натераат Русите да ги вклучат во преговорите. // Ангажманот со Европа, барем знам дека со украинската и американската страна е многу силен. Неколку пати му кажавме на претседателот Путин и на неговиот тим дека единствениот начин да се постигне ова е да бидат тие покрај нас. Мислам дека се отворени за тоа, се надевам дека утре во Москва, Стив и јас ќе бидеме успешни и дека претседателот Путин ќе даде благослов тоа да се случи. Мислам дека ако тој се согласи со тоа, тогаш мислам дека ќе можеме да постигнеме многу поголем напредок,- - Џаред Кушнер, претставник на американската делегација.

На преговорите е договорена размена на заробени војници од големи размери, соопштија од украинската делегација која оцени дека има вистински моментум да се достигне договор до нова година, доколку европски претставници се вклучат во преговорите.
-Има огромен напредок во однос на прашањата поврзани со безбедноста и просперитетот и за ова ќе разговараме подоцна,- - Рустем Умеров, предводник на украинската делегација.

-Работиме кон конечната цел каде што не треба да биде трилатерално, туку мултилатерално, бидејќи Европејците мора да седнат на маса. Зборуваме за повоена европска безбедност,- - Давид Арахамија, член на украинската делегација .
Предводникот на руската делегација пак - Владимир Медински, остро ги искритикува европските лидери – нека учат од американските претставници што е здрав разум и реализам, порача Медински.
-Ние не сосема разбираме за што може да се разговара со нив (европејците). Ниту една мировна иницијатива, ниту еден конкретен мировен предлог од страна на европските држави ние не добивме. Затоа, за што да се разговара со нив, не е јасно. Но ако пристигнале овде како туристи, нека си разговараат во хотелското лоби, нека си поразговараат за нивните работи,- - Владимир Медински, предводник на руската делегација.
Дипломатските напори продолжуваат. Додека американските претставници Виткоф и Кушнер утре заминуваат кон Москва на средба со Владимир Путин, украинските преговарачи ќе оддржат одделни средби со европските претставници кои од вчера се присутни во Абу Даби, но не и на преговарачката маса.


