Најголем број смртни случаи на мигранти се регистрирани минатата година, а долж миграциските патишта лани загинале најмалку 8.938 лица, покажуваат податоците на агенцијата за миграција на ОН (ИОМ).
-Овие бројки се трагичен потсетник дека луѓето ги ризикуваат своите животи кога несигурноста, недостатокот на можности за подобар живот и други животни проблеми ги лишуваат од безбедни или одржливи опции дома, изјави шефицата на ИОМ, Ејми Поуп.
Извештајот на агенцијата на ОН открива дека речиси три четвртини од смртните случаи и исчезнувањата на мигранти регистрирани низ целиот свет од 2014 година досега се случиле додека луѓето бегале од несигурност, конфликти, катастрофи и други хуманитарни кризи.
ИОМ за исчезнати мигранти, исто така, наведува дека секој четврти загинат потекнува од земји погодени од хуманитарни кризи, а смртта на илјадници Авганистанци, Рохинџи и Сиријци е забележана на миграциските патишта низ целиот свет.
Во извештајот, исто така, се наведува дека повеќе од 52.000 лица загинале обидувајќи се да избегаат од една од 40-те земји во светот каде што Обединетите нации имаат план за одговор на кризи или план за хуманитарна акција.
Ејми Поуп ја повика меѓународната заедница да инвестира во создавање стабилност и можности во заедниците, така што миграцијата ќе стане избор, а не неопходност. И кога повеќе нема да биде можно да се остане, мора да работиме заедно за да обезбедиме безбедни, легални и уредни патишта што ги штитат човечките животи.
Централниот дел на Медитеранот сè уште останува најсмртоносната миграциска рута во светот со речиси 25.000 загинати лица, колку што во последните 10 години исчезнале на отворено море, пресмета ИОМ. Повеќе од 12.000 исчезнале на море откако ја напуштиле Либија разорена од војна, а безброј други исчезнале преминувајќи ја Сахара, се наведува во извештајот.
Во изминатите десет години, повеќе од 5.000 лица загинале обидувајќи се да го напуштат Авганистан, кој е разорен од криза, најмногу откако талибанците ја вратија власта во 2021 година.
Во истиот период загинале и над 3.100 членови на прогонуваното малцинство Рохинџа од Мјанмар, често пати во бродоломи или при преминување во Бангладеш.
Џулија Блек, координаторка на Проектот на ИОМ за исчезнати мигранти и авторка на извештајот, вели дека делумно поради недостатокот на податоци, особено во воените зони и областите погодени од катастрофи, вистинскиот број на мртви е веројатно многу поголем од оној што го имаат./МИА