Десетици илјади излегоа на синдикални протести во Лисабон (ВИДЕО)

9.11.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Десетици илјади излегоа на синдикални протести во Лисабон (ВИДЕО)

Протестот беше организиран од страна на главниот синдикат во земјата, изразувајќи несогласување со мерките кои, според Владата на десноцентристичкиот Демократски сојуз, имаат за цел да ја зголемат продуктивноста и флексибилноста на пазарот на трудот, објави Би-Би-Си.

Илјадници демонстранти маршираа по улиците на Лисабон, носејќи транспаренти со натписи како „Не за реформата во трудовото законодавство“ и извикувајќи слогани како „Нема да отстапиме, овој план мора да се отфрли“.

- Овој проект е еден од најголемите напади врз работниците што некогаш биле извршени во Португалија, изјави генералниот секретар на синдикатот CGTP, Тиаго Оливеира, за време на демонстрациите во Лисабон. - Доколку биде имплементиран, тоа ќе биде вистинско назадување во животот на секој од нас, додаде тој.

Предлозите предвидуваат олеснување на отпуштањето на вработените. Меѓу другите спорни мерки се ограничувањето на периодот во кој доилките можат да користат флексибилно работно време и скратувањето на отсуството поради спонтан абортус.

Минималната плата во Португалија во моментов изнесува 870 евра месечно. Демонстрантите инсистираат таа да се зголеми на 1.050 евра до 2026 година.

Монтенегро, кој е лидер на Демократскиот сојуз, ја предводи малцинската влада во земјата членка на ЕУ со население од 10,6 милиони луѓе. Доколку биде одобрен, предлог-законот ќе биде испратен до Парламентот, каде што се очекува да биде усвоен со гласовите на екстремно десничарската партија ШЕГА, најголемата опозициска партија во Португалија.

Организаторите на протестот најавија дека ќе свикаат генерален национален штрајк на 11 декември.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата