Де Вевер на средба со кралот Филип за ќорсокакот околу белгискиот буџет

6.11.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Де Вевер на средба со кралот Филип за ќорсокакот околу белгискиот буџет

Средбата се одржува на денот кога истекува рокот што Де Вевер самиот го постави за постигнување договор околу новиот буџет или во спротивно се закани дека ќе поднесе оставка. 

Сепак, според белгиските политички аналитичари, евентуална оставка на Де Вевер не е опција и до неа во моментов нема да дојде. 

- Кралот има само ограничен број надлежност: да советува, да предупредува и да поставува прашања. Претпоставувам дека денеска ќе предупреди дека мора да се најде решени и дури можеби и ќе постави краен рок за тоа, изјави претпладнево аналитичарот и новинар Барт Верхулст во гостување на државното Радио 1. 

Според него, оставката на премиерот повеќе не изгледа веројатна, бидејќи состојбите се променија последниве денови, особено со зачестените инциденти со појавата на дронови над аеродроми и воени бази во Белгија. 

Белгиските медиуми јавуваат и дека се очекува Де Вевер да се откаже од оставката и пред Владата да презентира предлог за усогласување на буџетот до Божиќ (25 декември) и доколку тоа не се случи до овој рок, тој тогаш би ја напуштил функцијата. 

Во пресрет на денешната средба меѓу кралот и Де Вевер, белгискиот вицепремиер и министер за буџет Винсент ван Петегем изјави дека на сите им е јасно дека мора да продолжат да работат на постигнување компромис за буџетот. 

- Мора да ги направиме потребните напори. Ќе мора да продолжиме да работиме за постигнување на избалансиран буџет за следните на неколку години. Сите треба да ја преземат својата одговорност за да се договорат за избалансирани и фер пакет мерки, рече Ван Петегем. 

Главен спор околу буџетот е како да се изнајде начин за обезбедување дополнителни буџетски приходи од 10 милијарди евра до 2030 година, а при тоа да не се намалат дополнително трошоците за социјални давачки. 

Актуелната белгиска Влада беше формирана во февруари годинава по повеќе од половина година преговори, по изборите одржани лани во јуни. Оставката на Де Вевер би довела да пад на Владата, со што земјата одново би можела да западне во повеќемесечни политички преговори за формирање ново парламентарно мнозинство или можеби, помалку веројатно, до предвремени избори.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата