Блискиот Исток петти ден е во пламен

4.03.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Блискиот Исток петти ден е во пламен

 Техеран ја продлжува битката сам против сите, досега ракетирајќи 11 земји во регионот. Иранска балистичка ракета денеска долета до турска територија, откако Анкара соопшти дека воздушната одбрана на НАТО го соборила проектилот кој претходно минал на ирачка и сириска територија. Во исто време, ирански воен брод потона кај брегот на Шри Ланка, откако бил погоден од американско торпедо. Се трага по 130 луѓе.

-Американска подморница потопи ирански воен брод кој мислеше дека е безбеден во меѓународни води. Наместо тоа, беше погоден од торпедо. Тивка смрт... Тоа е првото потонување на непријателски брод од торпедо по Втората Светска војна. , изјави Пит Хегсет, министер за одбрана на САД.

-Овој период ќе помине и Иран ќе излезе од овој историски тест како победник. Немајте никакви сомнежи. Нашата цивилизација, историја и Богот на нашата татковина ќе не направат победници. , изјави Исмаил Багхеи, портпарол на министерството за надворешни на Иран.

Светот паралелно го исчекува наследникот на ликвидираниот врховен лидер Али Хамнеи, чиј 3-дневен масовен погреб требаше да почне денеска, но беше одложен. Иранските медиуми веќе го прогласија неговиот втор најстар син, 56-годишниот Моџтаба Хамнеи за иден татко на нацијата, иако од Техеран официјално се уште нема потврда. Израел предупреди дека кој и да биде избран од страна на режимот ќе биде легитмна цел за елиминација.

-Се ослободивме од Ајатолахот Али Хамнеи и тој повеќе не е меѓу нас. Се ослободивме од иранското лидерство и ќе продолжиме да го напаѓаме лидерството на режимот. , изјави Дени Данон, амбасадор на Израел во ОН

-Претпоставувам дека најлошиот случај би бил да се бориме, а потоа некој да ја преземе власта, кој е исто толку лош како претходниот, нели? Тоа може да се случи. Не сакаме тоа да се случи. Веројатно би било најлошото. , изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Откако вчера Трамп најави прекин на сите трговски врски со Мадрид, како одговор на одбивањето да отстапи бази за американската војска, шпанскиот премиер Санчез денеска ја продолжи вербалната војна со Вашингтон.

-Мораме да учиме од историјата и не смееме да играме „руски рулет“ со судбината на милиони луѓе. Инволвираните во овој конфликт мора итно да го прекинат огнот и да се насочат кон дијалог и дипломатија. Позицијата на шпанската влада можам да ја сумирам во неколку зборови: Не за војната. , вели Педро Санчез, премиер на Шпанија.

Кон случувањата на Блискиот Исток денеска се активираше и Грција. На брегот на Кипар се појавија два грчки воени брода, за кои Атина појасни дека се во исклучиво одбранбени цели во случај на нов ирански напад.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата