Бил Гејтс им се извини на вработените во неговата фондација, поради врските со Епштајн

25.02.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Бил Гејтс им се извини на вработените во неговата фондација, поради врските со Епштајн

Тој призна дека направил грешки што фрлиле сенка врз добротворната организација, но инсистирал дека немал никаква улога во злосторствата на Епштајн, објави „Волстрит џурнал“.

На состанокот одржан вчера, коосновачот на „Мајкрософт“ призна дека имал две афери со руски жени за кои Епштајн подоцна дознал, но нагласи дека во нив не биле вклучени жртвите на Епштајн. „Не направив ништо нелегално. Не видов ништо нелегално“, рече Гејтс, според снимка што ја слушна „Волстрит џурнал“.

„Голема грешка“

Гејтс, исто така, коментираше за фотографиите од неодамна објавените документи на Епштајн кои го прикажуваат со жени чии лица се заматени. Тој тврди дека Епштајн го замолил да се фотографира со неговите женски асистентки по состаноците. „Да биде јасно, никогаш не поминував време со жртвите, жените од неговата околина“, изјави тој.

„Беше огромна грешка да поминувам време со Епштајн“ и да го доведам раководството на Фондацијата Гејтс на состаноци со сексуален престапник, рече тој. „Им се извинувам на сите што беа вовлечени во ова поради грешката што ја направив“.

Милијардерот откри дека неговите средби со Епштајн започнале во 2011 година, години откако Епштајн се изјасни за виновен во 2008 година за подведување малолетник. Гејтс рече дека знаел за „некоја мерка стара 18 месеци“ што го ограничувала патувањето на Епштајн, но дека не направил доволно проверки на неговото биографија.

Тој продолжил да одржува состаноци дури и откако неговата тогашна сопруга, Мелинда Френч Гејтс, изрази загриженост во 2013 година. „Со она што го знам сега, сè е, знаете, сто пати полошо, не само поради неговите претходни злосторства, туку сега е јасно дека ова бил континуиран модел на лошо однесување“, им рекол Гејтс на вработените.

„Не сум го посетил островот“

Тој додаде за својата поранешна сопруга: „Морам да ѝ оддам признание, таа секогаш беше доста сомничава за целата работа со Епштајн“. Гејтс вчера им кажа на вработените дека продолжил да се среќава со Епштајн до 2014 година, дека летал со него со приватен авион и дека поминал време во Германија, Франција, Њујорк и Вашингтон. „Никогаш не спиев кај него“, рече тој, ниту пак го посетил островот на Епштајн.

Тој рече дека Епштајн „зборувал за блиските односи што ги има со многу милијардери, особено оние на Волстрит“ и го убедил дека може да помогне во собирањето пари за каузи како што е глобалното здравје. Гејтс додаде дека присуството на други истакнати луѓе на тие состаноци придонело за „чувството дека ова е нормална ситуација“.

Уништена репутација

Тој призна дека разбира оти неговата поврзаност со Епштајн му помогнала на самиот сексуален престапник да ја подобри својата репутација. Гејтс призна дека неговите врски со Епштајн и новообјавените е-пораки од документите на Министерството за правда фрлаат сенка врз Фондацијата Гејтс и нејзината репутација.

„Тоа е целосно спротивно на вредностите и целите на Фондацијата“, рече тој. „А нашата работа е многу чувствителна на репутацијата. Луѓето можат да изберат дали да соработуваат со нас или не“. Портпарол на Фондацијата Гејтс рече дека Гејтс одржува вакви состаноци со вработените двапати годишно и дека „зборувал отворено, одговарал на неколку прашања детално и ја преземал одговорноста за своите постапки“.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата