Би-Би-Си: Клучни точки од договорот меѓу САД и Украина за ретки минерали

1.05.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Би-Би-Си: Клучни точки од договорот меѓу САД и Украина за ретки минерали

САД и Украина потпишаа договор за ретки минерали, а според Би-Би-Си, клучните точки на тој договор вклучуваат дека Киев нема да мора да враќа никаков долг кон Вашингтон, дека САД користат поостар тон кон Русија, а договорот вклучува и проекти поврзани со нафта и гас.

Исто така, договорот не го спречува пристапувањето на Украина во Европската унија, американската воена помош е повторно на маса, додека САД можат да се повлечат во секое време, а профитот од првите 10 години ќе биде реинвестиран во Украина.

Американскиот претседател Доналд Трамп претходно побара од Украина да врати 350 милијарди долари, што, според неговите тврдења, изнесува воена и финансиска помош на САД од почетокот на војната, што украинскиот претседател Володимир Зеленски го одби.

Сепак, Вашингтон попушти, а украинскиот премиер Денис Шмихал изјави дека договорот не предвидува никаква обврска за враќање на наводниот „долг“.

Американската администрација употреби многу поостра реторика отколку што беше случај досега во изјавите на владата на Трамп.

Во соопштението на Министерството за финансии на САД се наведува дека станува збор за „тотална руска инвазија“ и се додава дека ниедна земја или поединец што ја финансирал или снабдувал руската воена машинерија нема да има право да учествува во обновата на Украина.

Иако најмногу се зборува во јавноста за минералното богатство на Украина, договорот вклучува и нови проекти поврзани со нафтата и гасот и сродната инфраструктура.

Во сите случаи, сопственоста на ресурсите останува украинска, иако САД ќе имаат заеднички пристап.

Покрај тоа, постоеја стравувања дека договорот со Вашингтон би можел да го отежни пристапот на Украина кон ЕУ, но во текстот на договорот се наведува дека САД ја признаваат намерата на Украина да се приклучи кон ЕУ и дека оваа цел не смее да биде доведена во прашање со овој договор.

Договорот беше формулиран на таков начин што беше претставен како предуслов за продолжување на американската воена помош за Украина.

Американската поддршка за Украина е условена исклучиво од економските компоненти на договорот, поради што сè уште постои одредена неизвесност кога станува збор за поддршката на Украина од нејзиниот клучен сојузник.

Според договорот, во првите 10 години од работењето на фондот за обнова, целата добивка ќе биде целосно реинвестирана во украинската економија. 

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата