Во објава на X, Арагчи оцени дека блокадата на иранските пристаништа е „воен чин“ и кршење на примирјето, додека заплената на бродот и притворањето на екипажот го нарече „потежок прекршок“. Според него, Иран е способен да им се спротивстави на притисоците и на „малтретирањето“, со порака дека земјата ќе ги брани своите интереси и покрај надворешните мерки.
Иранските власти наведоа дека американските сили за време на акцијата се качиле на трговскиот брод и ги оневозможиле неговите навигациски системи, што го опишаа како „чин на пиратство во меѓународните води“. Исто така, беше соопштено дека иранските сили одговориле со напади со дронови врз американски воени бродови во регионот, но дека одговорот бил ограничен поради присуството на членови на екипажот и нивните семејства на бродот.
Министерството за надворешни работи на Иран ја осуди акцијата на САД и предупреди на „многу опасни последици“, додека ситуацијата во регионот дополнително ги зголеми тензиите меѓу двете земји.

