Трамп во моментот на инаугурацијата во јануари минатата година стана најстариот некогаш избран претседател. До крајот на неговиот мандат во Белата куќа се очекува да го надмине својот претходник Џо Бајден како најстар претседател во американската историја, со 82 години и седум месеци, пет месеци постар од демократот.
Шестдневната анкета заврши денеска, еден ден пред 79-годишниот претседател да го одржи своето годишно обраќање пред Конгресот за состојбата на нацијата.
Вкупно 61 процент од испитаниците рекле дека би го опишале Трамп како некој што „станал покаприциозен со возраста“. Такво мислење делат 89 проценти од демократите, 30 проценти од републиканците и 64 проценти од независните избирачи.
Популарноста на републиканскиот претседател не се промени многу во последните месеци. Речиси 40 проценти од испитаниците во најновата анкета го одобруваат работењето на Трамп, што е за два процентни поени повеќе од почетокот на месецот. Иако го почна својот мандат со значително повисок резултат од 47 проценти, неговата поддршка од април оваа година варира во рамките на еден или два поена од сегашното ниво.
Повеќето Американци сметаат дека политичкото раководство во земјата е генерално премногу старо. Речиси 79 проценти од испитаниците се согласиле со изјавата дека „избраните функционери во Вашингтон се премногу стари за да го претставуваат мнозинството Американци“. Просечната возраст во Сенатот на САД е околу 64 години, а во Претставничкиот дом е 58 години. Испитаниците што се наклонети кон демократите посилно повикуваат помлади политичари, објавува „Ројтерс“.
Најновата анкета на „Ројтерс/Ипсос“ е спроведена онлајн меѓу 4.638 возрасни Американци од целата земја, со маргина на грешка од два процентни поена.

