Ирачкото Министерство за одбрана соопшти дека последниот контингент американски советници ја напуштил воздухопловната база Ал Асад во западната ирачка покраина Анбар. Во соопштението се додава дека Коалицијата за борба против групата Исламска држава, предводена од САД, се повлекла од седиштето на Заедничката оперативна команда, оставајќи ги објектите под целосна контрола на ирачките безбедносни сили.
Но, американските сили и понатаму ќе бидат присутни во воздухопловната база Харир во покраината Ербил, Курдистан. Централната ирачка Влада нема целосна контрола врз курдскиот регион во северен Ирак, бидејќи тој е автономен федерален ентитет со сопствена Влада, Парламент и безбедносни сили.
Намалувањето на бројот на американски војници трае веќе неколку години, откако ирачката Влада го побара тоа во 2023 година. По американската инвазија врз Ирак во 2003 година, САД распоредија војници во земјата. Нивниот број во одреден период изнесуваше 170.000 војници. Во 2011 година поранешниот претседател Барак Обама ги повлече американските војници. Но, три години подоцна ирачката Влада побара распоредување на околу 5.000 американски војници за да помогнат во борбата против ИД. Американската армија во декември 2021 година објави крајот на својата борбена мисијата во Ирак.
Иако мисијата на Коалицијата предводена од САД е завршена на ирачка територија, американските сили продолжуваат со операциите против ИД во Сирија, а логистиката ќе биде преку воздухопловната база на коалицијата во Ербил.

