Префрлањето уследи по распадот на Сириските демократски сили (СДФ) предводени од Курдите во североисточна Сирија, што предизвика загриженост за безбедноста на околу десетина затвори и центри за притвор за припадниците на ИД.
Можно е до 7.000 милитанти на ИД да бидат префрлени од Сирија во објекти контролирани од Ирак.
Ние тесно се координираме со регионалните партнери, вклучително и ирачката Влада, и искрено ја цениме нивната улога во обезбедувањето на поразот на ИД, истакна американскиот адмирал Бред Купер, шеф на американските сили на Блиски Исток.
Сириската влада вчера објави прекин на огнот со курдските сили што ги истисна од областите на североистокот на земјата. Дамаск, им даде четири дена да се согласат да се интегрираат со централните власти. И САД ги повикаа курдските сили да се интегрираат. Сириските демократски сили (СДФ) кои изминатите денови ја загубија контролата врз големи делови од Сирија поради напредувањето на сириската армија, соопштија дека го прифатиле договорот за прекин на огнот и оти нема да преземат воени акции доколку не бидат нападнати.
Претходно, американскиот специјален претставник за Сирија, Том Барак изјави дека „курдските сили, кои беа меѓу водечките групи во борбата против џихадистичката група Исламска држава (ИД), која е поразена во Сирија во 2019 година, повеќе немаат причина да постојат“.
- Првичната мисија на СДФ (Сириски демократски сили, доминирани од Курдите), како главна сила против ИД на терен, во голема мера е завршена, бидејќи Дамаск сега е подготвен да ја преземе контролата врз безбедноста, особено да ги контролира центрите за притвор за ИД, објави вчера Барак на социјалната мрежа Икс.
Тој додаде дека „најголемата можност за Курдите во Сирија сега е транзицијата кон новата влада по Асад, предводена од претседателот Ахмед ал Шаара“.
Во североисточна Сирија има околу 15 затвори каде казна отслужуваат казна 9.000 борци на ИД, која во јуни 2014 година прогласи калифат во голем дел на Сирија.

