Американската амбасада во Саудиска Арабија нападната со дронови

3.03.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Американската амбасада во Саудиска Арабија нападната со дронови

Американската амбасада им порача на своите граѓани веднаш да најдат засолниште и да ја избегнуваат амбасадата до дополнително известување поради напад врз објектот. Исто така, беше издадено известување за засолнување во Џеда и Дахран и беше ограничено секое патување кое не е неопходно до воените објекти во регионот.

Како што пренесе ДПА, во амбасадата избувнал „ограничен пожар“, предизвикувајќи помала материјална штета, соопшти портпаролот на Министерството за одбрана на Саудиска Арабија на Х. Точните околности на инцидентот засега се нејасни.

Министерството за одбрана подоцна соопшти дека дополнителни осум дронови биле пресретнати и уништени во близина на Ријад и Ал-Карџ, на околу 80 километри јужно.

Претходно, Стејт департментот на САД ги повика американските граѓани веднаш да напуштат повеќе од десет земји на Блискиот Исток, вклучително и Израел, поради безбедносни ризици во услови на воената ескалација во регионот.

САД и Израел почнаа офанзива од големи размери против Иран во саботата, предизвикувајќи регионална ескалација во која Техеран лансира ракети кон американските бази во неколку заливски држави.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата