Амазон покрај цените ќе го прикажува и делот што отпаѓа на царините

29.04.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Амазон покрај цените ќе го прикажува и делот што отпаѓа на царините

Белата куќа денеска остро го нападна Амазон поради планот на својата страница покрај вкупната цена на производите да го прикаже и износот што отпаѓа на царините што ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп.

- Тоа е непријателски и политички чин на Амазон. Зошто Амазон не го направи истото кога администрацијата на Бајден предизвика најголем раст на инфлацијата во последните 40 години, изјави портпаролката на Белата куќа Каролина Левит.

- Ова е уште една причина зошто Американците треба да купуваат американско, додаде таа.

По нејзините изјави, акциите на Амазон, интернет трговскиот гигант основан од Џеф Безос, паднаа за повеќе од два отсто во предберзанското тргување.

Безос, еден од најбогатите луѓе на светот, е сопственик и на весникот „Вашингтон пост“, а познат е и по тоа што во 2017 година беше меѓу гостите на инаугурацијата на Доналд Трамп, но подоцна имаше многу несогласувања со администрацијата на Трамп околу низа политички прашања.

Амазон засега не ги коментираше изјавите на Белата куќа.

Администрацијата на Трамп реагираше на медиумски извештај, според кој Амазон планира на купувачите јасно да им покаже колку влијаат царините на цената на одреден производ. Според лица запознаени со планот, тој износ ќе биде прикажан веднаш до вкупната цена на производот.

На прес-конференција, еден репортер ги праша Левит и американскиот министер за финансии Скот Бесент дали се согласуваат дека потегот на Амазон јасно покажува дека царините не ги плаќа Кина, туку американските потрошувачи, на што Левит рече дека „само што разговарала со претседателот за најавата на Амазон“.

Амазон не е првиот трговец кој на потрошувачите им укажува на ефектот од новите царини врз цените. Кинеските брендови за брза мода „Шеин“ и „Тему“ исто така воведоа значителни дополнителни трошоци во изминатите денови. „Тему“, на пример, сега при пресметката на вкупната цена јасно прикажува „увозна такса“, која за одредени артикли може да изнесува и околу 145 отсто.

Американскиот претседател Доналд Трамп на 2 април, на денот што го нарече „Ден на ослободувањето“ (Liberation Day), го најави најопсежниот пакет царини во модерната американска историја. Во рамките на таа иницијатива беше воведена универзална царина од 10 отсто на речиси сите увозни производи, додека за одредени земји, како Кина, царините достигнаа и до 145 отсто.

Трамп ги претстави овие мерки како „економска декларација за независност“, тврдејќи дека тие ќе ја ревитализираат американската индустрија и ќе ги исправат долгогодишните трговски неправди.

Меѓутоа, царините на Трамп предизвикаа бран критики и загриженост. Економистите предупредуваат на потенцијално зголемување на инфлацијата и ризик од рецесија, додека меѓународните партнери, вклучувајќи ја Европската Унија и Кина, најавија противмерки. Многу американски компании, соочени со зголемени трошоци за увоз, веќе најавија поскапувања на своите производи, што дополнително ги оптоварува американските потрошувачи. /МИА

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата