Администрацијата на Трамп ги ублажува царините за автомобилски делови

29.04.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Администрацијата на Трамп ги ублажува царините за автомобилски делови

 Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп одлучи да го намали влијанието на царините врз автомобилската индустрија, олеснувајќи дел од давачките за странски автомобилски делови што се користат во домашното производство и спречувајќи двојно оданочување на веќе постоечките царини за увезени автомобили.

– Претседателот Трамп гради силно партнерство и со домашните производители и со американските работници, изјави американскиот министер за трговија Хауард Латник.  Ова е голема победа за неговата трговска политика, наградувајќи ги компаниите што произведуваат во САД и создавајќи услови за инвестиции и проширување на производството, додаде тој.

Претходната недела претставници на американската автомобилска индустрија го повикаа Трамп да не воведува 25-процентни царини за увезените делови, предупредувајќи дека таквиот потег ќе ги зголеми цените и ќе ги намали продажбите.

„Повеќето добавувачи немаат капацитет да одговорат на нагло прекинување на снабдувањето. Многумина веќе се соочуваат со тешкотии, а царините би довеле до затворање на погони, отпуштања и стечај“, се вели во отвореното писмо на претставниците на автомобилската индустрија до властите. „Пропаѓањето на еден снабдувач може да ја сопре целата производна линија“. 

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата