Британецот Питер Саливан, кој помина 38 години во затвор за убиство на келнерка, денес изјави дека не е лут ниту огорчен откако лондонскиот суд го ослободи, бидејќи неговата пресуда за убиство беше поништена поради нови ДНК докази.
Саливан, кој го следеше сослушувањето преку видео од затворот Вејкфилд во северна Англија, му рече на судот во изјава дека не е огорчен и дека е желен да ги види своите најблиски. Тој е лицето кое отслужило најдолга казна за неправедна осуда во Велика Британија, изјави адвокатката Сара Мајат.
Саливан беше осуден во 1987 година за убиството на Дајана Синдал во Бабингтон, во близина на Ливерпул во северозападна Англија, во август претходната година. Откако на нејзиното возило му снемало бензин, последен пат била видена како оди по патот по полноќ. Нејзиното тело беше пронајдено околу 12 часа подоцна во една уличка. Таа била сексуално злоставувана и тепана.
Спермата пронајдена на нејзиното тело не можеше да се анализира научно сè до неодамна. Тест во 2024 година покажа дека не е Саливан, рече адвокатот на одбраната Џејсон Питер.
Обвинителот Данкан Аткинсон не ја оспори жалбата и рече дека би било незамисливо Саливан, доколку во тоа време биле достапни ДНК докази, да биде гонет. Полицијата од Мерсисајд соопшти дека повторно ја отворила истрагата, додека трае жалбената постапка, и дека сега е „посветена да направи сè“ за да го пронајде вистинскиот убиец.
Комисијата за преглед на кривични предмети (CCRC), која истражува можни погрешни осуди, одби да го упати случајот на Саливан до Апелациониот суд во 2008 година, а судот ја отфрли неговата жалба во 2019 година. Сепак, CCRC повторно го отвори случајот кога станаа достапни нови ДНК докази.