Зборови што одекнуваат: Ниту еден тренер не го научил Јамал да игра фудбал

16.10.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Зборови што одекнуваат: Ниту еден тренер не го научил Јамал да игра фудбал
фото: FC Barcelona @FCBarcelona (X)

Шпанскиот репрезентативец и фудбалер на Барселона, Ламин Јамал, според многумина, во моментов е најдобриот играч во светот.

Јамал прикажува феноменални партии во дресот на Барселона и шпанската репрезентација, а од недела во недела љубителите на фудбалот остануваат воодушевени од неговите потези на теренот.

Јамал едноставно се разликува од останатите играчи. Неговиот прием на топката, првиот допир, дриблингот и способноста во секој момент да предвиди што ќе се случи во играта го издвојуваат од другите фудбалери.

Веројатно сите љубители на најважната споредна работа во светот се прашуваат како тренерите успеале да го научат на сето тоа, пред сè во младинската школа на Барселона.

Но, Иван Караско, еден од тренерите кои работеа со Јамал во младинските категории, смета дека ниту еден тренер не го научил Јамал како треба да игра фудбал.

Во интервју за шпанските медиуми, Караско зборуваше за младиот Јамал. Неговите зборови сигурно ќе одекнат во Шпанија, но и во Европа, а можеби нема да им се допаднат на многу фудбалски стручњаци, особено на оние кои работат со млади фудбалери.

„Благодарен сум што имав можност да следам две прекрасни генерации, оние од 2006 и 2007 година, со играчи како Јамал, Кубарси, Форт, Еспарто, Тони Фернандез и други, кои можеби во моментов не се во центарот на вниманието, но наскоро ќе бидат.

Секогаш сакам да зборувам за природниот талент, бидејќи верувам дека токму тој ја прави разликата во она што го работиме во животот. Сè кај Јамал беше создадено за играње фудбал. Имаше божествен талент. Беше неверојатно посебен.

На натпреварите знаеше да дрибла тројца противници и да постигне гол. На тренинзите можеше да прави што сака со своите соиграчи. Беше играч далеку пред своето време“, изјави Караско.

Овој млад шпански тренер истакна дека начинот на кој Јамал ја чита играта е нешто што ретко се гледа.

„Неговото читање на играта и способноста да разбере сè за многу кратко време се најимпресивни. Секогаш е одлучен и многу прецизен во своите технички потези.

Сега има стекнато и физичка сила, па може да направи уште повеќе, но и пред тоа ја менуваше играта. Го има фудбалот во главата и разбира што треба да направи во секој момент. Ниту еден тренер никогаш не го научил Ламин како да игра фудбал. Таков се родил и тоа е толку едноставно“, изјави Караско.

Караско смета дека играчите како Јамал не треба премногу да се оптоваруваат во младинските категории.

„Кога зборуваме за Ламин, зборуваме за него на сосема поинакво ниво од сите останати. Тој е гениј, а со генијот треба да се постапува соодветно, да се остави на мира и да не се оптоварува премногу. Треба да му се дава поддршка и да му се обезбеди поволна средина“, заклучи шпанскиот тренер.


sportmedia.mk

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата