Во Реал Мадрид не можат да се помират со поразот: Ветерот дува во корист на Барселона!

29.11.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Во Реал Мадрид не можат да се помират со поразот: Ветерот дува во корист на Барселона!
фото: Real Madrid CF (X)
Реал Мадрид ТВ жестоко ги нападна судиите по поразот на Реал Мадрид од Алавес (1-2) во 14. коло од Ла Лига.  Клупската телевизија издвои две спорни ситуации во кои главна улога имаше Џуд Белингем, а анализата ја заврши со порака поврзана со случајот „Негреира“, во кој Барселона е обвинета за плаќања кон поранешниот потпретседател на судиската организација.

„Денеска нивните гласноговорници ќе кажат дека ВАР правилно постапил кога ја поништи одлуката и дека немало контакт. Тоа се променливите правила на лигата на Негреира“, порачаа на клупската телевизија.

„Ова нема никаква врска со тоа што Реал загуби поради судијата, но и тоа е дел од анализата на овој натпревар“, додадоа од Реал ТВ.

„Му покажаа само еден агол од камерата“

Во завршницата од натпреварот, судијата Цезар Сото Градо досуди пенал за Реал по падот на Белингем, кој веќе имаше жолт картон. Сепак, ВАР-судијата Фигероа Васкез го повика да ја прегледа снимката, по што Сото Градо ја промени одлуката и му покажа втор жолт картон на Англичанецот поради симулирање.

„Контактот беше минимален. Фигероа Васкез, кој претходно го исклучи Мурињо, брзо го повика судијата и одлуката беше променета. Му покажаа само еден агол од камерата“, тврдат од клупската телевизија.

Оттаму сметаат дека оваа ситуација била повеќе пенал од оној што Ламин Јамал го доби против Леванте.

„Ветерот дува во корист на Барселона“, порачаа од Реал ТВ.

Бараат пенал и во 15. минута

На клупската телевизија сметаат дека Белингем требало да добие пенал и во 15. минута, кога по изведен корнер бил влечен во противничкиот шеснаесетник.

„Понекогаш се досудуваат пенали кога играчот ќе се сопне од тревата, а ова е очигледно влечење. Ова е пенал“, порачаа од Реал ТВ, оценувајќи дека Алавес одиграл совршен натпревар за својот стил на игра.

Поради црвениот картон, Белингем ќе го пропушти следниот натпревар против Реал Сосиедад, па од клупската телевизија порачаа дека „мора нешто да се преземе“.

Првиот жолт картон Англичанецот го доби поради приговор за задржувањето на времето од страна на голманот на Алавес, Сивера.

„Постојат правила за задржување на времето, а немаше никаква казна“, коментираа од Реал ТВ.

Критики доби и Сото Градо, кого го обвинија дека се однесувал „понижувачки и надмено“ кон Килијан Мбапе. Му забележаа и што поминал половина терен за да му покаже жолт картон на Жозе Мурињо, како и за заканувачкиот тон кон Арда Ѓулер, што дополнително го налутило португалскиот тренер.


sportmedia.mk

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата