Уф, каков пораз, каков убедлив пораз на Милан на “Сан Сиро“ и тоа од Удинезе. Милан – Удинезе 0:3 е исходот од овој меч од 32.коло во Серија А и со тоа некогашниот гигант од Милано и дефинитивно си ги закопа сите шанси во битката за титулата. Лидерот Интер по ова коло сега може да има дури +12 бода во однос на градскиот ривал.
Ретко кој навистина очекуваше ваков исход на овој натпревар.Сепак се започна во 27.минута со автоголот на Бартезаги за 0:1 за тимот од Удине. Само десет минути подоцна Екеленкамп зголеми на 0:2 и тоа беше крај на сите надежи дека домашните фудбалери можат да сторат нешто на овој меч.
Во продолжение од средбата, кога се виде дека поразот е тука, тренерот на домашните Алегри почна да ги вади од игра Модриќ и останатите свои ѕвезди.
Во 71.минута беше 0:3, и тоа со голот на Ата за ставање точка на овој меч на кој Милан беше ужасно лош, со што покажа дека влезе во лоша форма во моментите кога се решава сезоната.
Интересно, Удинезе во Милано сезонава го победи и Интер. Па така тимот од Удине за првпат во својата историја во една сезона успеал да ги победи екипите од Милано на нивни терен, на “Сан Сиро“ или „Џузепе Меаца“, сеедно.

