Шпанците: Перез изненаден, играчите му испратија поддршка на Алонсо

15.12.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Шпанците: Перез изненаден, играчите му испратија поддршка на Алонсо
фото: Real Madrid C.F.(X)

Реал Мадрид во неделата успеа да го совлада Алавес на гостински терен со 2:1 и така да го задржи чекорот со водечката Барселона во трката за титулата во шпанското првенство. Победата дојде во исклучително тежок момент за тренерот Чаби Алонсо, кој се најде под силен притисок од јавноста, додека неговиот тим беше десеткуван од бројни повреди и суспензии.

Тренерот Алонсо имаше големи проблеми при составувањето на тимот. Поради повреди не можеше да смета на дефанзивците Дани Карвахал, Едер Милитао, Давид Алаба, Трент Александер-Арнолд и Ферлан Менди, како и на Едуардо Камавинга. Суспензии одработуваа Фран Гарсија, Алваро Карерас и Ендрик, додека дури неодамна од повреди се опоравија Федерико Валверде, Антонио Ридигер, Дин Хејсен и Килијан Мбапе.

Според пишувањето на порталот Defensa Central, претседателот на клубот Флорентино Перез бил многу загрижен кога го видел почетниот состав. Наводно бил шокиран што на позицијата лев бек настапува младиот Виктор Валдепењас и бил песимист пред натпреварот, на кој дури и не отпатувал. Во импровизираната одбрана, заедно со Ридигер и Раул Асенсио како стопери, на позицијата десен бек настапи Валверде.

И покрај сè, Реал стигна до клучна победа. По два последователни порази и лошата серија резултати, победничкиот гол го постигна Родриго во 75. минута, со што Реал се доближи до Барселона на четири бода заостанување. По натпреварот, играчите јасно покажаа што мислат за својот тренер. Defensa Central наведува дека Алонсо во соблекувалната бил пречекан со аплауз и порака:

„Со тебе сме, мистер. Оваа победа е твоја.“

Самиот тренер по важната победа остана смирен.

„Фокусирани сме исклучиво на себе, работиме заедно и се подготвуваме за натпреварите што доаѓаат во ритам на секои три дена. Оваа победа има голема тежина затоа што дојдовме со многу отсутни и суспендирани играчи. Има уште многу работа, но денешната изведба мора да ни биде патоказ за продолжението“, изјави Алонсо.


sportmedia.mk

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата