Како што велат последните информации од Островот, Манчестер Јунајтед е на чекор од важни потписи, бидејќи преговорите за нови договори со Коби Меино и Хари Магваер влегоа во завршна фаза.
Иако сè уште има детали што треба да се договорат, од раководството на клубот се оптимисти дека наскоро ќе се постигне конечен договор со двајцата играчи.
Младиот играч од средниот ред Меино моментално има договор до јуни 2027 година, со опција за продолжување за уште една година, а нов договор би го врзал за клубот до летото 2031 година со значително зголемување на платата. Неговата ситуација само пред неколку месеци беше сосема поинаква.
За време на мандатот на тренерот Рубен Аморим, Меино падна во втор план и дури размислуваше да оди на позајмица поради недостаток на минутажа. Сепак, со доаѓањето на Мајкл Карик на клупата на „Црвените ѓаволи“, сè се промени.
Меино повторно доби важна улога во тимот, што резултираше со негово враќање во сениорската репрезентација на Англија.
Искусниот стопер Хари Магваер имаше слична судбина.
Неговиот договор истекува на крајот од оваа сезона, но клубот веќе подготви нова понуда, едногодишен договор со опција за продолжување за дополнителни 12 месеци.
На есен се чинеше дека Магваер ќе го напушти “Олд Трафорд“, особено поради повредите и фактот дека беше во втор план зад Матијс де Лихт. Сепак, под водство на Карик, тој повторно стана стандарден член на првата постава.
И двајцата ги започнаа сите девет натпревари откако Карик ја презеде функцијата, што доволно зборува за нивната важност.
sportmedia.mk

