Прилично драматични сцени се случија во Холандија по саботниот натпревар меѓу Телстар и Феенорд, кога полицијата веднаш по завршувањето на средбата нареди целосна евакуација на стадионот „БУКО“ во Велсен-Зуид.
Телстар и Феенорд претходно одиграа многу возбудлив натпревар, во кој гостинскиот тим од Ротердам на крајот славеше со 4:3.
Сепак, набргу по последниот судиски свиреж, резултатот и случувањата на теренот паднаа во втор план.
Според информациите на ЕСПН, полицијата започнала да ги евакуира сите лица кои сè уште се наоѓале на стадионот, а по завршувањето на прес-конференцијата, објектот бил целосно испразнет.
Полициските службеници потоа го оградиле целиот простор околу стадионот и го забраниле пристапот додека не се утврди дали пронајдениот предмет претставува опасност.
Причината за ваквата реакција била димна бомба пронајдена под една од трибините.
Поради тоа, на стадионот пристигнал и специјализиран тим, кој детално го прегледал пронајдениот предмет и го обезбедил подрачјето. Додека траела интервенцијата, никој не можел повторно да влезе на стадионот, а полицијата продолжила да го држи целиот објект под контрола.
Акцијата траела неколку часа по натпреварот. Полицијата подоцна соопштила дека нешто по полноќ димната бомба била успешно обезбедена.
По ова, блокадата на стадионот била укината и било потврдено дека „БУКО“ повторно може нормално да се користи.
Така, вечерта која започна со спектакуларен натпревар со дури седум голови заврши на сосема неочекуван начин.

