Во недела во меч од Премиерлигата се среќаваат Манчестер Сити и Челзи. Сепак јасно е дека на денешната прес – конференција, едно од прашањата за Пеп беше отказот кој Енцо Мареска го доби во Челзи во првиот ден од новата година.
„Се што можам да кажам од моја гледна точка е дека Челзи изгуби неверојатен менаџер и одлична личност. Тоа беше одлука во рамките на Челзи и нивните водечки луѓе и не можам да кажам ништо повеќе. Колку сум среќен што сум на ова место и во овој клуб. Мојот клуб е вонсериски“, рече Пеп Гвардиола.
Бидејќи Енцо Мареска беше споменуван во претходните недели како потенцијална замена за Пеп, Гвардиола беше прашан и за неговата иднина.
„Дали ќе бидам менаџер на Сити и следната сезона? О, Боже мој. Имам договор и тоа го кажав илјада пати. Знам дека ви е доста и дека за 10 години веќе сте уморни од мене. Но, среќен сум и сакам да се борам со својот тим. Раководството ме почитува и тоа се докажа минатата сезона. Што се случи во овој клуб кога не победивме три месеци, а тие сè уште беа со мене, што можам да направам? Сакам да се борам за овој тим. Имам уште една година од мојот договор, сакам да останам, но ќе видиме. Го кажав тоа милион пати, но мојот кредибилитет е нула, нели“, иронично праша Пеп.
Натпреварот Манчестер Сити – Челзи е закажан за недела во 18:30 часот.
sportmedia.mk

