На култниот португалски клуб му се заканува целосно згаснување на крајот од годината

21.12.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
На култниот португалски клуб му се заканува целосно згаснување на крајот од годината
Фото: Боависта Х

Поранешниот португалски шампион Боависта минува низ најтешките моменти во својата историја. Откако клубот беше исфрлен во аматерскиот ранг на натпреварување, сега му се заканува и целосно згаснување. Судот донесе одлука според која Боависта до крајот на следната недела мора да уплати 55.000 евра на Даночната управа, во спротивно ќе следи трајно затворање на клубот.

Соочени со црното сценарио, навивачите решија да ја преземат иницијативата. Во четвртокот клубот започна јавна кампања за собирање средства под името „Боавишта, засекогаш!“, а одѕивот е солиден. Сепак, клучното прашање останува – дали потребната сума ќе се собере во зададениот рок?

Ова не е првпат Боависта да се соочува со сериозни проблеми. Пред неколку години клубот исто така беше исфрлен од португалската елита, но преку судски пат успеа да се врати меѓу најдобрите. Сепак, сегашната ситуација изгледа безизлезна. Минатата сезона клубот испадна од Првата лига, но поради тешката финансиска состојба не доби лиценца за настап во вториот ранг.

Проблемите се толку големи што клубот не може да обезбеди ниту учество во аматерските лиги. Затоа никој повеќе не размислува за натпревари и резултати – единствената цел е да се спаси клубот од целосно исчезнување, додека крајот на 2025 година носи најцрни кошмари за некогаш омилениот португалски клуб.

Боависта во 2001 година сензационално ја освои титулата шампион на Португалија, станувајќи само втор клуб, кој ја прекинал доминацијата на „големата тројка“ – Порто, Бенфика и Спортинг. Клубот настапуваше и во Лигата на шампионите, а негов дом е еден од најубавите стадиони во Португалија – „Естадио до Беса“, на кој се играа и натпревари од ЕП 2004. Во клупските витрини се наоѓаат и пет трофеи од Купот на Португалија и три Суперкупа.

Управата оваа сезона се обиде да го пријави клубот за настап во Административните лиги, но беше одбиена редоследно за четвртиот, петтиот, шестиот, па дури и седмиот ранг на натпреварување. Иднината е сурова: ако успеат да ги надминат сите финансиски пречки, екипата ќе мора да започне од самото дно на португалската фудбалска пирамида. Во спротивно, клубот што испиша едни од најубавите страници во португалскиот фудбал ќе биде засекогаш згаснат.


sportmedia.mk

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата