Мурињо го држи на клупа, а од Анчелоти бара да му даде минутажа

9.11.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Мурињо го држи на клупа, а од Анчелоти бара да му даде минутажа
Жозе Мурињо по победата на Реал Мадрид над Валенсија со 3:0 на „Месталја“, испрати јасна порака до селекторот на Бразил, Карло Анчелоти. Португалскиот стратег зборуваше за Ендрик, кој во Мадрид добива многу мала минутажа, а францускиот медиум „Foot Mercato“ неговата изјава ја оцени како суптилен притисок врз италијанскиот стручњак пред репрезентативната пауза.

 

„Мојот став е јасен, сакам Ендрик да игра“, изјави Мурињо, а потоа директно му се обрати на селекторот на Бразил:

„Ако Анчелоти му дозволи да игра во оваа репрезентативна пауза, ќе бидам многу среќен“.

Анчелоти го вклучи 20-годишниот напаѓач на списокот за последните два натпревари на Бразил во оваа година.

Покрај Мбапе нема место

Ендрик во Реал е во втор план зад Килијан Мбапе, кој има загарантирано место во нападот. Според бразилските медиуми, до крајот на октомври младиот напаѓач настапил на четири од вкупно 13 натпревари, само еднаш како стартер, а постигнал еден гол – во победата над Рома со 4:3 во Лигата на шампионите.

Против Валенсија влезе во игра дури во 84. минута, заменувајќи го Бернардо Силва, додека головите за Реал ги постигнаа Федерико Валверде, Арда Ѓулер и Мбапе.

Ендрик минатата сезона ја заврши на позајмица во Лион, каде што ги мина последните шест месеци. Бразилските медиуми пишуваат дека во јануари повторно би можел да го напушти Мадрид.

Јапонија и Сингапур за крај на годината

Бразил во ноември ќе одигра пријателски натпревари против Јапонија на 14 ноември и Сингапур на 17 ноември.

Анчелоти добро го познава Ендрик од Реал Мадрид, бидејќи му беше тренер во неговата прва сезона на „Сантијаго Бернабеу“, кога младиот Бразилец исто така најчесто добиваше шанса од клупата.


sportmedia.mk

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата