Штутгарт се врати на победничкиот колосек по поразот од Галатасарај во Лигата на шампионите, славејќи дома против Вердер Бремен со 1-0 во натпреварот од 9-тото коло од Бундеслигата вечерва, нанесувајќи му го првиот лигашки пораз на екипата од Бремен по повеќе од два месеци.
Не беше потребно многу за домаќините да поведат, бидејќи Максимилијан Мителштад го “стресе“ Вердер во седмата минута, постигнувајќи во свој стил со удар од левата страна. Во 28-та минута, Ел Канус можеше да ја казни неконцентрацијата на гостите и малку изгубената топка, но Хајн беше совршено поставен, спасувајќи го лукавиот удар на Мароканецот.
Штутгарт, со втората победа од почетокот на сезоната пред домашните навивачи, стигна до осмото место, спречувајќи ги своите ривали да се пробијат до местото што води во Лигата на шампионите.

