Крај на една голема ера? Кристијано Роналдо донесе одлука да стави точка на репрезентативната кариера и да се посвети исклучиво на клупскиот фудбал. Еден од најдобрите фудбалери во историјата, кој зад себе има рекордни бројки во националниот тим на Португалија, најави дека дошол моментот да се раздели со дресот со број 7.
Роналдо, кој петпати ја освои „Златната топка“, преку емотивна порака им се обрати на сонародниците и потврди дека по 23 години е подготвен да го предаде репрезентативниот дрес.
„Драги Португалци!
Дојде време да го закачиме дресот со број 7 на нашата репрезентација. Никогаш не го сметав за исклучиво мој, но 23 години имав чест и одговорност да го носам и да ја бранам честа на нашата земја на стадионите низ целиот свет. Денес е време да го предадеме“, порача 41-годишниот фудбалер.
Одлуката доаѓа по период исполнет со тензии и несогласувања во репрезентацијата, меѓу кои и конфликтите со селекторот и раководството на Португалската фудбалска федерација.
Дополнителен удар за Роналдо беше и дисциплинската казна од 30 дена суспензија и парична казна од 255 евра, откако ја напушти репрезентацијата без претходна дозвола. Иако јавно им се извини на соиграчите и навивачите, казната ја доживеал како предавство од страна на федерацијата, што дополнително го зголемило неговото незадоволство.
Роналдо дебитираше за сениорската репрезентација на Португалија во 2003 година и зад себе остава неверојатно наследство: 234 настапи и 146 постигнати голови, бројки со кои е рекордер во националниот тим.

