Компани: Ситуацијата е тешка, но мораме да се справиме

21.11.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Компани: Ситуацијата е тешка, но мораме да се справиме
ФОТО: FC Bayern München/FB

Главниот тренер на Баерн Минхен, Винсент Компани, призна дека тимот се наоѓа во исклучително тешка ситуација по ремито 1-1 против Келн. Белгискиот стратег го коментираше настапот на баварците, повредите на Хари Кејн и Мајкл Олисе, но и потребата останатите фудбалери да преземат поголема одговорност.

„Очигледно беше необичен натпревар. Мислам дека добро го започнавме. Воопшто не тргнавме лошо. Всушност, игравме со добра енергија и темпо. Но потоа, секако, дојдоа повредите на Хари и Мајкл. Сепак, тоа не е оправдување. Сметам дека резултатот беше праведен и дека противникот го заслужи“, изјави Компани.

„Искрено, сега имаме малку поинакви грижи. Едноставно мораме да ја прифатиме ситуацијата, без премногу да се жалиме, и да сфатиме што нè очекува. Мораме да покажеме огромна издржливост и да најдеме начин, без оглед на противникот, да извлечеме нешто од следниот натпревар. Во моментов ситуацијата е исклучително тешка“, додаде тренерот на Баерн.

Компани се осврна и на тоа зошто Мајкл Олисе го напуштил стадионот со патерици.

„Мислам дека тоа беше само мерка на претпазливост. Се надевам дека Мајкл ќе се чувствува подобро уште во понеделник“, рече белгискиот стратег.

Во однос на повредата на Хари Кејн, Компани нагласи дека останатите фудбалери мора да преземат одговорност.

„Сега имаме други играчи кои треба да направат чекор напред и да го предводат тимот. Потребни ни се извонредни настапи од фудбалери кои можеби сè уште не се навикнати да носат таква одговорност во Баерн. Но, тоа е ситуацијата во која се наоѓаме. Заедно ќе се обидеме да ја претвориме оваа ситуација во нешто позитивно за нас. Баерн отсекогаш го правел токму тоа и сакаме повторно да успееме“, заврши Компани.


sportmedia.mk

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата