Кејн на чекор до историски рекорд, но има уште една голема желба!

11.11.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Кејн на чекор до историски рекорд, но има уште една голема желба!
ФОТО.facebook.com/fifaworldcup/

Капитенот на Англија, Хари Кејн, изјави дека неговиот најголем сон е да освои светска или европска титула со националниот тим. Во пресрет на утрешниот натпревар против Хрватска на „Вембли“, англискиот напаѓач зборуваше за своите амбиции, „Златната топка“ и претстојниот рекорд по бројот на настапи за репрезентацијата.

„Освојувањето голем трофеј со Англија е мојот најголем сон. Светско или Европско првенство, а зошто да не и двете. Индивидуалните признанија се неверојатни, но тие доаѓаат како резултат на стремежот да му помагаш на тимот. Со Баерн сакам да ја освојам Лигата на шампионите“, изјави Кејн.

Напаѓачот призна дека првиот освоен трофеј со Баерн му го намалил притисокот по долгото чекање на тимски успех.

„Беше тешко да играм добро, а да не освојувам трофеи. Тоа ме направи уште погладен за успеси и ме доведе до ниво до кое можеби немаше да стигнам доколку претходно освоев нешто. По првиот трофеј со Баерн почувствував големо олеснување. Успеав да се опуштам и да играм послободно, без тој дополнителен притисок“.

Кејн го опиша освојувањето на „Златната топка“ како „магичен момент“ и им се заблагодари на соиграчите и стручниот штаб за нивниот придонес.

„Веројатно ја потценив реакцијата што ќе следува доколку ја освојам. Беше неверојатно. Многу сум благодарен за поддршката од сите“.

Утре капитенот ќе го одигра својот 126. натпревар за Англија и ќе стане апсолутен рекордер по бројот на настапи. На тој начин ќе го надмине поранешниот голман Питер Шилтон, кој со 125 натпревари го држеше рекордот од 1990 година.

„Тоа покажува постојаност на највисоко ниво и претставува еден од најголемите моменти во мојата кариера. Не сакам да си поставувам граници. Следната цел е да стигнам до 100 гола – сакам да ја достигнам што е можно побрзо. Се чувствувам одлично и се надевам дека ќе имам уште многу години за да видам што можам да постигнам“, изјави Кејн, кој досега има постигнато 91 гол во дресот на англиската репрезентација.


sportmedia.mk

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата