Манчестер Јунајтед минува низ голема резултатска криза, но тренерот Мајкл Карик нема намера да го напушти „Олд Трафорд“. Пред гостувањето кај Челзи, тој му даде поддршка на капитенот Бруно Фернандеш и порача дека не му се потребни никакви уверувања од клупското раководство.
„Црвените ѓаволи“ врзаа осум натпревари без победа, а последниот тежок удар го доживеаја на домашен терен, каде што Борнмут славеше со убедливи 3:0.
Јунајтед во моментов има само еден бод повеќе од зоната за испаѓање, а Карик се наоѓа под голем притисок.
Сепак, англискиот стратег не размислува за заминување.
„Тука сум за да го направам најдоброто за тимот. Очajно сакам да напредуваме и да ги поправиме работите. Не ме изненадува тоа што сè уште сум на оваа позиција“, порача Карик.
Посебно се осврна на Бруно Фернандеш, кој минатата недела го преседе на клупата натпреварот против Борнмут, откако претходно ги критикуваше тактичките замисли на тренерот.
„Тој толку добро го предводеше овој тим на бројни натпревари и во текот на многу години. Ќе продолжи да го прави тоа. Бруно е целосно посветен на овој клуб и немам никаков проблем со тоа“, истакна Карик.
Тренерот на Јунајтед нагласи и дека не му е потребна јавна поддршка од клупското раководство.
„Не ми се потребни никакви уверувања од никого. Ја разбирам мојата позиција, работата и одговорноста што ја носам“, додаде англискиот стратег.
Поддршка за Карик дадоа и навивачите, кои го испратија со аплауз по поразот од Борнмут, додека фудбалерите беа пречекани со свирежи.
Од друга страна, легендарниот капитен на Јунајтед, Гери Невил, смета дека заминувањето би можело да биде најдоброто решение.
„Понекогаш тренерот мора да добие отказ за негово добро“, порача Невил.
Карик, сепак, не се откажува и верува дека неговите играчи имаат доволно мотиви да ја променат ситуацијата.
„Момците се гладни за успеси. Нè боли тоа што не остваривме доволно победи, но постојат голема желба и решителност да бидеме подобри“, заклучи Карик.

