Светската фудбалска федерација (ФИФА) одреди 52 главни судии кои ќе ја делат правдата на претстојното Светско првенство, како и 88 асистенти и 30 судии во ВАР собата. Судиите доаѓаат од 50 федерации.
Европа ќе биде претставена од 15 главни судии, а Франција и Англија се единствените две земји од „Стариот континент“ кои ќе имаат по двајца арбитри. Англија на Светското првенство ќе ја претставуваат Мајкл Оливер и Ентони Тејлор, додека Франција ќе ја претставуваат Клемент Турпан и Франсоа Летексие.
Меѓу познатите европски судии кои ќе судат на Светското првенство се Германецот Феликс Цвајер, Италијанецот Маурицио Маријанини, Шпанецот Алехандро Ернандез Ернандез и Холанѓанецот Дани Макели.
Регионот ќе го претставува Словенецот Славко Винчиќ, кој го судеше финалето на Лигата на шампионите во 2024 година меѓу Реал Мадрид и Борусија Дортмунд.
Светското првенство ќе се одржи во САД, Канада и Мексико од 11 јуни до 19 јули.

