Чешки судија исфрлен од фудбалот на 15 години поради поткуп

17.10.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Чешки судија исфрлен од фудбалот на 15 години поради поткуп

Етичката комисија при Фудбалската асоцијација на Чешка му изрече строга казна на поранешниот прволигашки судија Симон Вејтаса, суспендирајќи го од фудбалот на период од 15 години. Покрај долгогодишната забрана за вршење судиска функција, 33-годишниот арбитер ќе мора да плати и парична казна од 150.000 чешки круни, откако беше прогласен за виновен за коруптивни дејствија. Вејтаса не ги прифаќа обвиненијата и најави дека ќе ја обжали одлуката.

Случајот се однесува на три натпревари на вториот тим на Баник Острава во третата чешка лига, одиграни во периодот од 2021 до 2023 година. Според наодите на истражниот орган, на два од овие натпревари судијата примил паричен поткуп со цел да влијае врз нивниот исход.

Првиот спорен натпревар бил дуелот на вториот тим на Баник Острава против Знојмо, одигран на 17 октомври 2021 година, кој завршил со победа на гостите од 4:2. Вториот случај датира од 2 октомври 2022 година, кога Баник славел со 3:1 против Фридек-Мистек, додека третиот натпревар што бил предмет на истрагата се одиграл во септември 2023 година против Старт Брно (2:1).

Казната е дел од опсежна истрага за нелегално обложување и местење натпревари во чешкиот фудбал, која започна во март 2026 година. Истрагата опфаќа десетици натпревари од различни рангови, вклучително и средби од младинските првенства. Паралелно со дисциплинските органи на локалната федерација, на откривањето на шемите работат и полициските служби.

 


sportmedia.mk

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата