Босна слави! Италија не успеа да ја преживее Зеница и повторно не успеа да обезбеди пласман на Светско. Босанците ја победија четата на Џенаро Гатузо по подобро изведување на пенали, откако по 120 минути игра резултатот беше нерешен – 1:1.
Во најважниот дел, пеналите, Босанците погодија 4 од 4, а Италија не успеа да реализира преку Еспозито и Кристанте, со што им дозволи на момците на Сергеј Барбарез да приредат голема прослава за своите навивачи. Босна вечерва има причини за славје, откако Тахировиќ, Табаковиќ, Балајбеговиќ и Бајрактаревиќ го матираа Донарума за пат на Мундијал.
Чешка и вторпат по подобро изведување на пеналите слави, но овој пат победа која ги носи на ново Светско првенство. Во регуларниот дел во Прага вечерва беше 1:1, па во дополнителните 30 минути видовме нова драма, која заврши со по еден гол на двете страни. Напрво Крејчи ја доведе Чешка до 2:1, а нововлезениот Хог успеа да донесе ново израмнување за Данска на 2:2 во 111. минута.
Серијата пенали беше очајна за Данска. „Викинзите“ промашија дури три од четирите изведени пенали, што само и ја олесни работата на Чешка. Со погодокот на Садилек во четврттата серија Чешка дојде до 4:2 на пенали за пат на Мундијал.

