Новина на 21 век е што во политичката борба се појавуват естрадни лица, егзибиционисти без јасна идеја и препораки, комичари кои бараат да им се даде власт за многу сериозни задачи и големи пари од буџетот на располагање, се појавуваат кловнови без политичко знаење и без идеја што би правеле во политиката и со власта потоа, а кои - се почесто победуваат, или се блиску до победата.
Добро смислените настапи со агресивност, исмевање, навреди и говорење нешта без одговорност потоа, скеч или глума во медиумите, а особено на социјалните мрежи, станува поефикасна од стручното детектирање и решенија за стравот и омразата. И уште подобро, е ако естрадниот настап се надоврзува на постоечките негативни емоции. Луѓето кои отворено се потсмеваат и ругаат, а ништо потоа не решаваат, веќе во неколку случаи победуваат на избори низ целиот свет.
<b>Случај Украина, синдром Аргентина</b>
Минатата година продолжи процес во светската политика кој трае подолго време. Процес на силно намалената улога на рационалноста во политичките одлуки, и доминација на случајни ликови кои во врвната политика се појавуваат “од никаде“ и со жестока естрадна кампања наместо одговори и решенија за проблемите порачуваат - јас сум различен, јас сум забавен и го кажувам тоа што сакате да го чуете. А потоа...
Мислевме дек врв на таквата политика е кампањата, изборот и владеењето е на украинскиот претседател, глумец-комичар по професија, Володимир Зеленски но, уште посилен доказ се случи во Аргентина со Хавиер Милеј кој водеше кампања со тестера за сечење дрва, врескање и дивјачко играње на говорницата, фрлање палто во публиката... и победи. Стана претседател на Аргентина, втора економска сила во Јужна Америка која беше веќе пред вратите за влез во БРИКС. Прва одлука на новиот претседател Хавиер Милеј беше - повлекување од кандидатурата за БРИКС.
Аргентина има најголема инфлација во Јужна Америка, и на прашањето како ќе го реши тоа, Милеј, екстремниот естраден кандидат за претседател одговори - ќе ја укинам Националната банка?! А што потоа, кој ќе ја следи и води монетарната и фискална политика на државата... не одговори.
Хавиер Милеј долго се обидувал да биде музичар, пејач, ТВ водител, инструктор по тантрички секс... Но, без испех. Во 2021 решава да влезе во политиката, зборува само за проблемите кои сите ги гледаат но, не и за решенија и настапува екстремистички до граница на закани со насилство. За себе тврди дека е поддржувач на Доналд Трамп и британскиот премиер Борис Џонсон. По две години во политиката - стана претседател. Дали Аргентинците, со Хавиер Милеј, ќе добијат решенија за своите проблеми?
Зеленски, глумец комичар без никакво претходно политичко ниту пак правно или економско искуство, на претседателските избори пред пет одини имаше кампања со основни пораки: “Кога ќе бидам претседател ќе има мир, тоа и е најпотребно на Украина. Јас сум Евреин, мојот мајчин јазик е Руски и сум Украинец... немам никакви предрасуди кон никого, и ќе донесам мир во Украина“ говореше Зеленски. Што се случи потоа, гледаме секој ден.
<b>Време на кловнови</b>
Уште од Адам Смит, демократските мислители веруваат дека луѓето донесуваат одлуки врз основа на рационално мерење на придобивките или штетите од нивниот избор. Од атинската зора на демократијата, од Клеон и Алкибијад, знаеме дека неодговорните демагози го заведуваат народот да ги следи страстите и стравовите повеќе од разумот.
Демократиите често пати страдаа од екстремни политички опции кои ги користеа емоциите на масите, особено во време на економска и уште поголема криза на идентитетот. Зборуваа се и сешто, најчесто што народот сака да слушне, а потоа со нив на власт следеа катастофи.
Бепе Грило, „принцот кловн“ (како што го нарекуваа австралиските новинари) сериозно се приближуваше до власта во Италија во 2013 година. Неговото движење „Пет ѕвезди“ освои околу една четвртина од сите гласови на изборите таа година.
Започна десет години порано, со напади врз криминалот во политиката. Дури во 2005 година „Тајм“ го прогласи за еден од европските херои. Во 2007 година, тој организираше „прослава на V-ден“ (V е од vaffanculo, преведено како „Е**** се“. Тоа беше наслов и суштина на неговата политичка понуда.
Тој го нападна естаблишментот воопшто, сите по ред не чинеа освен самиот тој кој е гение, Италијанската нобеловка Рита Леви Монталчини ја нарече „стара курва“. Бепе Грило, вистински кловн во политиката.
Грило беше првиот во Италија и меѓу првите во Европа кој ја искористи моќта на социјалните мрежи за да ја промовира својата кампања за вафанкуло (страшило). Во ова тој наликува на својот колега Милеј од Аргентина, и на Доналд Трамп. Според некои автори, Трамп отишол чекор подалеку - со помош на компанијата Кембриџ Аналитика го проучувал она што милиони луѓе го посакуваат на мрежите, а потоа го повторил како свое мислење и понуда до нив.
Дали, кон оваа збирка “забавувачи на народот во политиката“ со катастрофални последици треба да го спомнеме и Англичанецот Борис Џонсон, и тој со неуредна фриозура, агресивни настапи и нејасни политички цели и решенија? Секако.
Александер Борис де Фефел Џонсон, попознат како Борис Џонсон е британски политичар и писател кој во јули 2019 година стана премиер на Обединетото Кралство (Велика Британија), како и лидер на Конзервативната партија.
Пред да стане премиер и лидер на конзервативците, Џонсон бил шеф на дипломатијата на Британија од 2016 до 2018 година. Претходно, од 2008 до 2016 година Џонсон бил градоначалник на Лондон. Џонсон се памети како скандал политичар но, особено по тврдо и агресивно туркање на кампањата за напуштање на Европската унија (Брегзит) за време на референдумот во Обединетото Кралство во 2016 година. Кампања во која силно му помогна и Доналд Трамп.
Британија излезе од ЕУ по естрадната кампања предводена од Џонсон. На доби ништо од тоа, напротив. ЕУ дотогаш многу помогна во пропаднатите региони на некогашната индустриска северна и источна Англија, а бегалците, од кои британците толку се плашеа, доаѓаат сега во големите градови, пред се во Лондон, кој со мнозинство гласаше Британија да остане во Унијата.
До пред војната во Украина 55-60% од британците сметаа дека се измамени со таа кампања, и поскауваа враќање во ЕУ.
<b>Зошто се протеруваат политичарите со став и персоналитет од политиката?</b>
Европа, своите најголеми успеси, ги памети кога водечките европски држави биле водени од силни и дефинирани личности, на кои политикта им била и смисол, и професија и предизвик. Кои не се дојдени во политиката и на власт од естрадата, од ТВ шоу емисиите, комичните скечеви... дојдени на власт “одеднаш и од никаде“.
Напротив, големите европски авторитети се политичари професионалци, со долг политички стаж пред да ја преземат власта, проверувани во јавноста со децении и мерена нивната способност и одговорност пред да им се предаде владеењето врз државите.
Германија, разурната до темел по сите основи по тешкиот пораз во Втората светска војна, ја предводи политичкиот десничар, демохристијанинот (ЦДУ) <b>Конрад Аденауер</b> премиер од 1949та кога е на возрст од 73 години па се до 1963 година, време кога Германија е изградена и воздигната до стабилизирана, обновена и една од шесте основачи (Франција, Западна Германија, Италија, Белгија, Холандија и Луксембург) на европската заедница за јаглен и челик во 1952 година, претходница на подоцнежната Европска заедница, а денешна Европска Унија.
Аденауер не е “политички кловн и падобрнец паднат во политиката“, тој со политика како професија со успех се занимавал уште од 1909 како заменик градоначалник на Келн.
А Германија, потоа, ја градат персоналитети во политиката како <b>Хелмут Кол</b>, “обединител на двете Германии во една држава“. Хелмут Кол бил германски државник кој бил канцелар на Германија од 1982 до 1998 година (од Западна Германија 1982-1990 и во обединета Германија 1990-1998) и претседател на Демохристијанскиот сојуз (ЦДУ) од 1973 до 1998 година.
Приказната која потврдува дека “кловновите и падобранците во политиката“ се паметат само по нивната естрадност и хаосот кој останал зад нив по владеењето, а дека силните личности, персоналитети и професионалци во политиката се тие што градат и создаваат, и во германскиот случај, го потврдува и нам денес познатата германска канцеларка <b>Ангела Меркел</b>.
Ангела Меркел е политичарка која е канцелар на Германија од 2005 па се до 20212 година и водач на Демохристијанскиот сојуз (ЦДУ) од 2000та. Таа е прва жена која е избрана на таа функција.
Меркел, родена во Источна Германија, во политиката влегла во бранот на револуциите од 1989, кратко служејќи како гласноговорник за источногерманската влада. По обединувањето на двете Германии е во 1990, била избрана во Бундестагот од покраината Мекленбург-Западна Померанија. Подоцна била назначена за сојузна министерка за жени и млади во 1991 под водство на канцеларот Хелмут Кол.
Меркел е континуитет на Хелмут Кол, успева да обезбеди лидерско место на Германија во европската политика и економија, да воспостави цврсти врски од економски интерес за Германија со Русија, Индија и Кина.
Сите три наведени германски лидери се членови на политичката десница, на Демохристијаните ЦДУ. Нивните конкуренти, Социјал демократите (СДП) Германија не ги памети по историски успеси.
Ја земаме за пример само Германија, иако истата приказна може да се раскаже и за Франција со <b>Шарл Де Гол, Франоса Митеран</b> или <b>Жак Ширак</b>. Нивните денешни наследници, Шолц во Германија и Макрон во Франција не можат да се пофалат со ниту една историска одлука од интерес за нивните држави, а нивната подршка во јавноста денес е меѓу најмалите во модерната историја на нивните држави.
<b>Кој ги “убива“ политичарите со персоналитет </b>
Зошто нема веќе политички персоналитети во големите европски држави како Германија, Франција, Италија, Шпанија... авторитети со визија и моќ за големи историски одлуки во интерес на нивните држави, со таква харизма и подготвеност? Имиња кои ги знаат и респектираат насекаде во светот.
Затоа што од крајот на осумдесеттите наваму се шири моќта и влијанието на корпорациите кои во суштина владеат без никој да ги гласал на избори, и на државите им наметнуваат свои интереси и свои луѓе без идентитет и персоналитет, без знаења и тимови кои се подоготвени да делуваат самостојно. Наметнуваат влади предводени од “политички кловнови и падобранци“ кои тие ги донеле на власт, и ним, а не на граѓаните, власта и одлуките во политиката им ја должат.
Експериментот почна со мали држави низ Европа, за да се прошири се до најголемите.
Корпоративното владеење почна со трансформација на фармацијата од јавен во приватен сектор по што профитот а не јавниот интерес диктираше нивни развој и работење. Потоа уследи контрола врз образованието и здравството, земјоделието стана роб на глоблните компании за проиводство на ГМО вештачка храна, јакнеа “невладини органзиации“ и медиуми за кои пари обебзедува глобалниот корпоративен сектор без нивна обврска да живеат од резултатите на својата работа и одговорност пред јавноста, а тие формираат јавно мислење за потреби на глобалните корпорации.
Веќе четврта деценија се “одгледуваат“ генерации млади, а потоа и возрасни гласачи, преку алатките на глобалните корпорации, преку Гугл, Фејсбук, Твитер, невладините организации и фабриките за вести и филмската индустрија кои наметнуваат свои стандарди, култура и интереси.
Гласачите, граѓаните станаа заложници на глобалните корпорации. Ги снема политичарите од голем формат и персоналитет од политичката сцена, а тие што беа такви се под постојана критика за да не се повтори некој друг таков во иднина.
Еден од примерите на “власт во сенка насекаде“ меѓу глобалните корпорации со ваква моќ е и Блек Рок.
Иако малкумина слушнале за <b>Black Rock</b>, таа е најмоќната финансиска компанија која управува со имот во вредност од 9 билиони долари (9.000 милијарди долари) што е информација од јуни 2021 година. Според објава на <a href="https://www.slobodnaevropa.org/a/sjedinjene-drzave-javni-dug/32758623.html">Радио Слободна Европа</a> денешниот бруто домашен производ на САД (БДП) е околу 27 билиони долари. Блек Рок држи под контрола вредност како 30% од вкупната американска индустрија и економија!
Ова е повеќе од бруто домашниот производ на сите земји во светот, освен САД и Кина.
За само 35 години, компанијата порасна од ништо и стана најголемата и најдоверливата компанија за управување со средства и „компанија која го поседува светот“, како што многумина ја сметаат.
Блумберг ја нарече компанијата и „четврта гранка на власта“ бидејќи формира кабинети од сенка.
Меѓу нивните клиенти се пензиските фондови во кои обичните граѓани ги плаќаат пензиите, државните и приватните фондови, централните банки, универзитетските фондации, компаниите од листата на „Форчн 500 компании“ и милиони индивидуални инвеститори.
Блек рок е еден од мнозинските сопственици на многу од најголемите технолошки компании, вклучувајќи ги Apple, Microsoft, Facebook и водечките банки како Wells Fargo и Chase, моќните воени индустрии како Локид Мартин, Рејтон, Нортроп или Боинг дифенс.
Во 2019 година, луѓето поднесоа петиција потив Black Rock бидејќи е еден од мнозинските сопственици на производители на нафта и јаглен и најзагадувачката тешка индустрија.
Додека програмите за вештачка интелигенција стануваат пософистицирани, веројатно до степен да станат чувствителни, информатичкиот систем Аладин во сопственост Black Rock тивко ја обликува светската економија, правејќи ги најголемите менаџери со средства уште поголеми и донесува олука за постоење на цели влади. Ерата на вештачката интелигенција не доаѓа, таа е тука со децении. И сега е толку интегрирана во нашиот финансиски систем, што светот би пропаднал без неа, пишува <a href="https://innotechtoday.com/blackrock-is-the-biggest-company-youve-never-heard-of/">Иноктетудеј</a>.
Има ли оваа Европа сега, ваква каква што е и со овие лидери шанса да води своја автономна политика, со политичари кои имаат одговорност пред своите граѓани, и да создаде нови лидери со персоналитет во вакви услови? Има ли Европа моќ да се врати како равноправен економски конкурент на САД и Кина, да обезбеди мир и спречи војна?
(Д.П. Латас)