Хаосот во Македонски железници наместо да биде поправен секојдневно се зголемува. Власта која најавуваше модерни железници, по 6 години власт, не успеа да го оствари ветувањето. Но вината не ја гледаат кај себе, туку во самото претпријатие, за кое тие викаа дека ќе го средат.
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски речиси на крај од мандатот признава дека Македонски железници не ги бива, па решение сега гледа во носење „оператор“ од соседството.
Со години и со децении претпријатието „Македонски железници и транспорт“ работи во тешки услови со финансиска поддршка од Владата за да може да реализира одреден број линии во нивниот оперативен план, рече тој.
Според него минатата година финансиски го помогнале претпријатието со 15 милиони евра, а оваа година очекува подддршката да достигне до 25 милиони евра.
„Би го поставил и прашањето дали граѓаните се задоволни од тоа што го прави ова претпријатие и дали ние како Влада сме задоволни, но сите сме согласни дека ова претпријатие не си ја врши работата што ја очекуваат граѓаните од него. И токму поради тоа во Собранието е законот за либерализација на превозот и очекуваме по изгласувањето на овој закон, да им се отвораат вратите на други оператори од регионот, кои сакаат да оперираат по македонските железнички пруги“, дополни Бочварски.
Тој е дециден дека ќе се продолжи и во делот на изградба на железничките пруги.
Во 2017 година истиот Бочварски изјави дека ќе има целосна модернизација на Македонски железници и ќе бидат заштитени правата на вработените.
И како што рече „за тоа може да се погрижи само нова совесна Влада на граѓаните на Република Македонија“.
Според него како што изјави тогаш Македонски железници постојано работи со загуби токму поради немањето инвестиции во инфраструктурата, бидејќи нема отворени нови коридори, нови пруги кои ќе можат да ги користат возовите.
Во делот на железничката инфраструктура, Македонија стои многу лошо и е во катастрофална состојба и лесно ранлива. Кога ќе имаме нови модерни железнички пруги, поврзани со регионот и со Европа и на југ со Грција и на север со Србија, меѓутоа и со Албанија и Бугарија, тогаш ќе можеме да зборуваме за профиталбилна работа на МЖ. Само со вложување во МЖ инстраструктура и МЖ транспорт, ќе можеме да дојдеме до рентабилно работење на ова државно претпријатие, рече тој.