Основното јавно обвинителство Штип информира дека добило информација од Министерството за внатрешни работи дека лицето по кое се трагаше во врска со вчерашниот оружен инцидент во Штип е лишено од слобода.
„Пронајдено е и оружјето. Во текот на денот ќе следи постапка“, велат од таму.
Дваесет и пет годишниот Е.О, странски државјанин, е убиен синоќа во угостителскиот објект „Вами“ на Градскиот плоштад во Штип, потврдија за МИА од Клиничка болница-Штип. Во болницата е донесен без знаци на живот, со неколку прострелни рани. Лекарите пробувале да го реанимираат, но обидите биле несупешни. Лицето кое синоќа пукало во починатиот Е.О е во бегство. Од Основното јавно обвинителство (ОЈО)-Штип соопштија дека јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Штип ноќеска вршеше увид на локација во кафе бар каде едно лице беше лишено од живот со истрели од огнено оружје.