Над 9.000 семејства во социјален ризик Министерството за
труд и социјална политика ги има оштетено во просек преку 120 евра на годишно
ниво. Овие тврдења ги изнесе Ѓоко Велковски техничкиот министер за труд и
социјална политика при неговото гостување во утринската емисија на „Слободен
печат“.
Според Велковски причина за оваа работа е нестручност со
која е направена грешка за која, како што вели тој ќе се бара одговорност пред
институциите. Според него над 30.000 граѓани кои се корисници на парични
средства од системот на социјална и детска заштита од 2020 година па до денес,
биле оштетени затоа што никој од претходните раководства на министерството не
работеле според законските утврдени обврски кога станува збор усогласување на
висината на социјалната помош во однос на трошоците на живот и инфлацијата.
– Станува збор за 1,7 милиони евра државни пари кои не се
исплатени на граѓаните- корисници на парични средства од системот на социјална
и детска заштита. Овие средства по Закон треба да бидат исплатени на граѓаните.
Причината е едноставна и лесно воочлива а таа е што не се правело корекции на
решенијата за социјална помош изминативе неколку години. Министерството е
задолжено секоја година по објавувањето на трошоците за животниот стандард кој
се објавува од страна на Заводот за статистика да се прават корекции на
решенијата за финансиска помош. Меѓутоа, центрите за социјална работа тоа не го
чинеле. Проблемот е бидејќи системот во пракса не функционира како што треба –
тврди Велковски и додава дека новата Влада во првите денови од нејзиното
формирање ќе преземе конкретни чекори за надминување на овој проблем.
Техничкиот министер Велковски во разговорот се осврна и за
ветувањето за пензионерите дека во првата година новата Влада ќе ги зголеми
пензиите по 5000 денари линеарно.
– Остануваме на предизборното ветување и ветување кое го
потврди и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски а тоа е дека ќе има
зголемување на пензиите на граѓаните. Истото повторувам нема да го наруши
пензискиот фонд, бидејќи тој според моите информации е стабилен и во добра
состојба-посочи Велковски.