Полициски началник физички нападнал едно лице во Кавадарци и со службен пиштол неколку пати го удрил по главата. Исто така, противправно присвоил една рамка и пет куршуми од МВР и не ги вратил.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи, до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција, поднесе кривична пријава против С.Б. – началник во Одделение за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија при Регионалниот центар за гранични работи Југ, поради постоење основи на сомнение дека сторил кривични дела „загрозување на сигурноста“ по член 144 став 2 и „затајување“, казниво по член 239 став 3 од Кривичниот законик.
На 12.01.2025 во Кавадарци, пријавениот физички нападнал едно лице и со службен пиштол неколку пати го удрил по главата. Исто така, на 13.01.2025, С.Б. противправно присвоил една рамка и пет куршуми и не ги вратил, а кои се сопственост на Министерството за внатрешни работи.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди ќе поднесе Предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност против пријавениот ќе изрече задолжителна мерка за отстранување од работното место – суспензија до завршување на дисциплинската постапка.