Вработените на Клиниката за токсикологија демантираат дека
нивниот колега д-р Нико Беќаровски ги навредувал дел од вработените на
национална основа. Ваквиот став е од вработените кои имаат засновано работен
однос на неопределено време.
Ова следи откако вчера Министерството за здравство објави
изјава од 26.04.2024 година на групи лица без статус на вработени во Клиниката.
„Најостро реагираме и ги демантираме информациите изјавени
во неколку медиуми од министерството за здравство и сме должни на јавноста да ѝ
појасниме дека какви било навреди или притисоци на Албанци кои претходно беа
ангажирани со договор на дело, од страна на проф. др. Нико Беќаровски не се
упатени“, стои во реакцијата од вработените.
„Доктор Нико Беќаровски е врвен професиналец кој повеќе од
10 години работи ургентна медицина и спасува човечки животи без разлика на
етничката припадност или припадност на политичка партии, па поврзувањето
неговото име со вакви невистини за политички цели е скандалозно и некоректно и
поттикнува нетрпение по национална основа“, стои во изјавата на која има
потписи од вработените на Клиниката.
Претходно, во коментар на објавата на МЗ, Беќаровски го
коментираше делот од објавеното писмо во кое имаше сериозни обвинувања до него
дека наводно ги навредувал вработените на национална основа. Тој најави дека за
„вакви лаги и клевети“, за кои истакна дека се „инструирани од само еден
лекар“, ќе биде покрената кривична пријава против сите потписници. Беќаровски
додава дека објавеното писмо ќе биде релевантен судски документ.
Вчера МЗ соопшти дека медицинскиот директор на
Универзитетската клиника за токсикологија во Скопје, Данил Петровски е разрешен
од вршител на должност директор поради неправилности во работата. Оттаму
додадоа дека Петровски е разрешен поради несовесно работење во целиот изминат
период.
Економската директорка на Клиниката, Бесија Иљази и покрај
жестоките критики кон неа од вработените ја задржува позицијата.