Ги „затегнавме чешмите“, се оди во Буџетот, постигнавме рекордна наплата на приходите во изминатите пет месеци. Поднесена е 31 дисциплинска постапка за царински службеници за злоупотреба на службена положба. Од први јули до 26 ноември има 211 случаи на заплени или двојно повеќе во однос на лани. Поднесени се 45 кривични пријави што е за три пати повеќе во однос на истиот период минатата година,<span> </span>во телевизиско интервју изјави директорот на Царинската управа Бобан Николовски.
Во гостувањето во емисијата „За или против” на Алфа телевизија Николовски потенцира дека наплатата на приходите бележи континуиран раст во изминатите пет месеци.
Во јули се наплатени речиси 12 милијарди денари што е историски најголема наплата во еден месец. Растот на наплатата на приходи се задржа и во наредните месеци. Така, во септември се наплатени 10,27 милијарди денари или 9,4 проценти повеќе од лани, при што приходите од царина се зголемени за 24,4 проценти, а на акциза за 25,9 проценти. Во октомври наплатени се 11,3 милијарди денари или 5,9 проценти повеќе од истиот период минатата година,<span> </span>истакна Николовски.
Зголемената наплата се должи на зголемен пријавен увоз на цигари, возила и облека.
Растот на наплатата на приходи се должи на зголемени контроли, менување на свеста на царинските службеници за поголем интегритет и професионалност, но и воспоставениот ред по принципот награда за секој што заслужил, но и санкционирање на оној што постапувал спротивно на законите. Воспоставен е и нов Комитет за оперативно работење чија задача е поефикасна координација на оперативното работење, што подразбира и зајакната контрола на работата на царинските службеници. Воедно на граничните премини и граничните терминали веќе е имплементиран систем за видео надзор и систем за препознавање на регистарските таблички,<span> </span>вели Николовски.
Во интервјуто Николовски говореше и за модернизација на премините, како и за проектот за автоматизација на терминалите со грант од ЕУ.