Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави синоќа дека во почетокот на мај ќе биде во САД дека ќе се сретне со „сите најистакнати“ членови на владејачката Републиканска партија и верува оти ќе има можност да разговара два или три пати со претседателот Доналд Трамп, јави допписникот на МИА од Белград.
Во изјава за ТВ Информер тој нагаси дека добил покана да присуствува на состанокот на Републиканскиот национален комитет во почетокот на мај и дека има „конечна потврда“ за средби „со сите важни републиканци“.
„Верувам дека ќе се сретнам со сите поистакнати републиканци. Мислам дека ќе имам можност да разговарам со претседателот Трамп најмалку два или три пати за два или три дена“, рече Вучиќ.
На прашањето дали ќе стане првиот српски лидер кој ќе се сретне со лидерите на САД и Русија за една недела, бидејќи оди во Москва на 9 мај, Вучиќ рече дека „нема конечна потврда“ за средбата со Трамп.
Вучиќ, исто така, рече дека „има идеја“ да организира „глобален форум со различни теми“ во Белград следната година, за што ќе побара поддршка од водечките светски лидери.
„Ќе побарам поддршка од претседателот Трамп и неговиот син Доналд Трамп помладиот и од претседателот (на Русија Владимир) Путин. Би сакал форумот да се одржи помеѓу март и мај, ќе ги замолам големите лидери да ми помогнат да го организирам, а потоа ќе разговарам со други лидери“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека Белград е „единствениот град“ кој би можел да биде домаќин и на Путин и на Трамп следната година, како и на италијанската премиерка Џорџа Мелони и идниот германски канцелар Фридрих Мерц, „бидејќи никој друг не е во можност да го стори тоа“.
Претседателот Вучиќ најави дека на 15 септември, Денот на српското единство, слободата и националното знаме, ќе се одржи голема воена парада.
„Ќе биде убедливо најголемото во историјата на Западен Балкан. Многу пати поголемо, побогато и поскапо отколку што беше последниот пат кога покажавме нешто слично.“