Уапсен Срѓан Ного кој објави снимки за Вања и Панче, СРПСКО ОБВИНИТЕЛСТВО ГО СОМНИЧИ ЗА ЗАКАНИ ЗА ВУЧИЌ и повикувал на убиство на полицајци

19. 03. 2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Уапсен политичарот кој објавуваше снимки за убиствата на Вања и Панче, српското Обвинителство го сомничи дека му се заканувал на Вучиќ

По наредба на Вишото јавно обвинителство во Србија, уапсен е контроверзниот српски политичар Срѓан Ного поради упатување смртни закани кон претседателот на Србија, Александар Вучиќ и поттикнување насилство, објавија српските медиуми. Ного е познат за македонската јавност откако на неговите канали на социјалните мрежи објавуваше снимки, како и детали за случајот со двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

На политичарот му е одредена мерка притвор до 48 часа и во тој рок ќе биде спроведен на распит.

Како што е објавено, Ного е уапсен поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „Повикување на присилна промена на уставниот поредок“ од член 309 од Кривичниот законик на Србија. Од претходно се водеше дека е во бегство.

Како што соопшти ВЈП, постои сомневање дека Срѓан Ного претходно во изјави за медиумите му се заканувал на претседателот на Република Србија со смрт, како и дека ги повикувал граѓаните да убиваат припадници на Министерството за внатрешни работи на РС.

Во јануари 2024 година, Ного објавуваше исечоци од снимки и наметна дилеми во јавноста поврзани со убиството на 14-годишната Вања и 74-годишниот Панче. 

Ного, како што пишува во биографијата објавена на неговата веб-страница, е еден од основачите и водачите, прво на движењето, а потоа и на партијата Двери во Србија. За пратеник во српскиот парламент е избран на изборите во 2016 година и таму останува до 2020 година. Во 2019 година бил исклучен од партијата, а до крајот на мандатот дејствувал како независен пратеник. Важи за промотор на теории на заговор и експонент на руските интереси во регионот.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата