Српскиот премиер Вучевиќ и градоначалникот на Нови Сад Ѓуруќ поднесоа оставки

28.01.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Српскиот премиер Вучевиќ и градоначалникот на Нови Сад Ѓуруќ поднесоа оставки

Во вонредно обраќање, ден по најавата за реконструкција на владата, Вучевиќ порача дека причината за одлуката е синоќешниот инцидент во Нови Сад во кој биле нападнати студенти, а една студентка е повредена. За оставката како што кажа тој, го информирал и претеседателот Александар Вучиќ кој ја прифатил одлуката и аргументите за неа. Нагласи дека со него и целата влада е во оставка која понатаму ќе функционира како теничка. На овој начин според Вучевиќ, понесена е одговорност на највисоко ниво, за што како што кажа очекува смирување на страстите и враќање на дијалогот во општеството.

-После овој случај синоќа во Нови Сад моја неотповиклива одлука е да поднесам оставка на местото претседател на Владата на Република Србија. Јас утринава имав долг разговор со Претседателот на Републиката разговаравме за се, разговаравме и за ова и тој ја прифати мојата одлука, ги прифати моите аргументи. Јас мислам дека со тоа ја покажуваме одговорноста на оние кои се избрани да бидат одговорни. - Милош Вучевиќ -  Премиер на Србија во оставка

Прстот за протестите и како што кажа, длабоката општествена поделба, Вучевиќ го впери кон надворешни сили кои според него имале црно сценарио да ја загрозат Србија како држава.

-Некој што тоа го смислил, а слободен сум сега да кажам дека апсолутно е смислено од странство, во тоа немам никаков сомнеж, удри на најчуствителната област на едно општество, а тоа е образованието на децата. Смислено, подло смислено, со цел директно да ја загрози Србија како држава. Секогаш кога изгледаше дека има надеж да се вратиме на општествениот дијалог, Како некоја невидлива рака секогаш создаваше некој нов инцидент и дополнително креваше тензии во општеството. - Милош Вучевиќ -  Премиер на Србија во оставка

Покрај Вучевиќ оставка од функцијата поради нападот на студентите си поднесе и градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ. За нападот според информациите на српските власти приведени се три лица, но тоа не ги спречи демонстрантите да се соберат пред седиштето на владејачката партија.

Ваквиот тек на настаните доаѓа по 24 часовната блокада на клучната раскрсница кај белградска автокоманда и вонредната прес-конференција на Вуќиќ, Вучевиќ и Брнабиќ, кои посочија дека ги прифаќаат барањата на студентите. Дел од нив пак, и денес велат дека ќе продолжат со блокадите.

-Сметаме дека секое насилство кон студентите, професорите и останатите граѓани кои учествуваат во овие протести треба да престане и да му се стави крај, ние цело време се бориме против тоа, но прашање е до кога веќе. / Мислам дека е сосема нормално да бараме институциите да работат.

За вечерва најавено е и обраќање на српскиот претседател Вучиќ. Пред него согласно српскиот устав е опцијата за реконструкција на владата, нешто што тој самиот вчера го најави на вонредна прес-конференција. Во тој случај тој треба да одлучи кој ќе биде мандатар за состав на владата која треба да го заврши мандатот на сегашната до 2028 година. Доколку тоа не се случи, следната опција се предвремени парламентарни избори. Сепак, дел од лидерите на српските опозициски го отфрлија тој чекор, велат дека остануваат на барањето за формирање на преодна влада која би организирала фер и демократски парламентарни избори.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата