Предлог закон за замена на македонските возачки дозволи во Република Словенија

5.11.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Предлог закон за замена на македонските возачки дозволи во Република Словенија

Денес, на 28-та редовна седница на Комисијата за инфраструктура, животна средина и просторно планирање на Република Словенија, пратеничката со македонско потекло Сандра Газинковски како предлагач го презентираше Предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за возачи.

Ова е предлог-закон кој на прв поглед се занимава со техничко прашање - замена на возачки дозволи - но всушност се меша во животите на илјадници луѓе кои работат, живеат и придонесуваат за развојот на Република Словенија, се вели во соопштението од Агенцијата за иселеништво.

Што носи предлог-законот - новиот член 68а од Законот за возачи:

Носителите на важечка возачка дозвола издадена во одредени земји (Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Србија) ќе можат да ја заменат својата возачка дозвола за словенечка без повторно да го полагаат практичниот дел од испитот, во рок од првата година по регистрацијата на живеалиштето во Словенија.

Пред замената, носителот на возачката дозвола мора да достави доказ за ментална и физичка способност за управување со возила - на овој начин се спазуваат безбедносните стандарди.

Истата постапка важи и за словенечките возачки дозволи во овие земји.

Клучни цели на законот:

Поедноставување на процедурите за промена на возачките дозволи и елиминирање на непотребните бирократски пречки.

Намалување на административниот товар врз поединците и административните единици.

Овозможување на побрза интеграција на работниците и експертите на словенечкиот пазар на трудот.

Предлог-законот:

• елиминира неоправдани разлики и носи поедноставување кое е од витално значење;

• не значи намалување на безбедносните стандарди, бидејќи дозволите продолжуваат да се проверуваат;

• нема финансиски последици за буџетот, а воедно заштедува време и ресурси;

• овозможува побрзо вработување, помалку документација и поголема праведност за секој што живее и работи во нашата земја.

Ова е мал, но важен чекор кон поправедна, разумна и отворена земја која им верува на луѓето кои веќе имаат знаење, искуство и одговорност да возат.

Пратеничката Сандра Газинковски ги повика пратениците да го поддржат Предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за возачи.

-Ви благодарам на сите што придонесуваат Словенија да стане поотворено, поефикасно и поинклузивно општество! -

Во обраќањето рече пратеничката.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата